26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИВработените во некогашно „Центро“ две децении бараат правда

Вработените во некогашно „Центро“ две децении бараат правда

Од некогашен голем синџир со стотина самопослуги, магацини и други објекти до пропадната и ликвидирана фирма со големи долгови. Дваесет години по затворањето на последната продавница над илјада вработени во некогашно „Центро“ се уште ја бараат правдата заглавени низ судските лавиринти и заплетканата стечајна постапка.

Тие побаруваат 10-на плати заостанати од 1993-та година, но уште поважно и исплата на нивните акции – секој од нив вели дека треба да земе меѓу 5 и 15 илјади евра. Прашуваат што се случи со огромниот имот и кој се офајди од приватизацијата и стечајот кој следувал потоа.

„Ова е продавница сликана, оваа продавница сликана, оваа е сликана. Овие се дадени на некој човек, рушени и никната зграда. Кој ги продаде тие и кој зема?“ прашува Драган Богдановски, заменик – претседател на координативно тело за заштита на капиталот на АД Центро во стечај.

Ратка Стојановска работела во „Центро“ 27 години. Кон крајот на 90-те буквално останала на улица. Вели дека тоа бил најтешкиот период во нејзиниот живот, страдање кое никогаш нема да го заборави.

„Да не земете плата, а фамилија имате дома. Се погоди така и мажот ми да работи во таква фирма каде не земаше палта, во каква мизерија сме биле… 20 години кај нас рекет има, не Катица Јанева повеќе од Катица Јанева, они се на власт и нека поведат малку сметка народот да не страда“ вели таа.

Слична е судбината и на Јадранка Здравковска. Пензијата ја дочекала како технолошки вишок но не се откажува од „Центро“. Се уште има надеж, вели дека верува оти на крајот правдата ќе победи.

„Повеќе од 15 години талкаме по овие патишта, се мачиме со колегите, но залудно е се… Доста беше со криминалите. Крајно време е да проработи судството, да биде добро за сите“ објаснува Здравковска.

Минатата недела во последен момент, буквално во 5 до 12, било откажано веќе договореното собрание на доверители за кое работниците се надевале дека конечно ќе стави крај на нивната голгота. Попусто дошле во Судот, дел од нив допатувале со автобус и од други градови.

„Ние не знаеме која е причината што го откажа собранието. Ние доверителите сме биле изиграни… Не знаеме што е причината. Кој направил криминал нека бркаат, нека се отвори таа пандорина кутија… Ние само си ги бараме нашите права што ни следуваат по законот и ништо повеќе од тоа“ изјави Џејнан Џеладин, претседател на координативно тело за заштита на капиталот на АД Центро во стечај.

АД Центро во стечај има имот проценет на 34 милиони германски марки или 17 милиони евра. Најголем доверител е компанијата Луена Холдинг од Кипар која го преземала претпријатието на крајот на 90-те, кусо потоа е отворена стечајна постапка по што е донесена и одлука за ликвидација.

Вработените побаруваат 2.3 милиони евра по основ на плати и 2.7 милиони по основ на акции.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП