26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата: македонскиот работник на балканското дно

Просечна плата: македонскиот работник на балканското дно

За една деценија просечната плата во земјава пораснала за приближно 20%, но македонскиот работник останува меѓу најмалку платените во регионот. За сериозен раст на платите е потребен раст на економијата и на продуктивноста и сериозен пад на невработеноста.

Просечната плата достигнала 25.270 денари и за една година се зголемила за 3.1%. Во мај 2019-та во однос на истиот месец од 2018-та најмногу пораснале платите на вработените во секторите транспорт и складирање (10.0%), градежништво (7.4%) и дејности на здравствена и социјална заштита (7.2%). Во истиот период намалување на платите има кај угостителството (-7.9%) и дејности во врска со недвижен имот (-0.8%).

„Во последните неколку години платите за прв пат имаат посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор“ вели економистот Мартин Ѓоргиевски. „До крајот на годината очекувам уште позасилена тенденција на раст на просекот пред се поради најавите за ново покачување во јавниот сектор од 5% во септември и завршувањето на преговорите за зголемување на минималецот“ вели тој.

Додека статистиката мери раст на просечните примања експертите предупредуваат дека тој е неодржлив на долг рок.

„За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. Изминативе години примањата на работниците растеа со побрзо темпо од економијата. Ова резултира со пад на продуктивноста, тоа е проста економска логика -продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени“ вели Ѓоргиевски.

Еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија покажуваат официјалните податоци на европската статистичка агенција Евростат.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Податоците се однесуваат на 2013-та и во нив ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Освен ниската продуктивност ограничувачки фактор за раст на платите е и високата стапка на невработеност.

„Пазарот секогаш ги диктира цените, при повисока понуда тие се пониски. Ова се однесува и на пазарот на труд“ објаснува економистот Мартин Ѓоргиевски.

Сепак, ова полека се менува. Стапката на невработеност останува висока, но е значително намалена. Заклучно со првиот квартал изнесува 17.8% и за една година е намалена за 3.8 процентни поени.

„Работодавачите до неодамна едноставно штедеа на работниците бидејќи сметаа дека лесно може да ги заменат. Ова е се помалку застапено, компаниите сфаќаат дека е тешко да најдат и да задржат добар работник, особено квалификуван“ смета Ѓоргиевски кој очекува дека натамошниот пад на невработеноста ќе резултира и со раст на просечната плата.

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за околу 20%.

Просечната плата во 2010-та била 20.330 денари, во 2014-та 21.327, во 2016-та 22.254, во 2018-та 24.025 и во 2019-та 25.270 денари.

Од друга страна во Бугарија платите за последните десет години (од 2009 до 2018 година) пораснале за неверојатни 87%.

Во Романија платите пораснале за 34%. Следат Полска со 30%, Латвија 21%, Литванија Словенија и Естонија со 20% и Чешка со 17%.

Десет земји доживеале пад на реалните просечни плати. Грција со 23%, Хрватска со пад од 11%, Кипар 7%. Во  Португалија, Шпанија и Италија платите паднале за еден или два проценти додека во Белгија и Финска стагнираат.

И покрај солидниот раст Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата. Со нето приход 25.270 денари односно 411 евра зад нас се само неколку држави.

Споредбената анализа на официјалните податоци на државните статистики покажува дека најниска плата имаат жителите на Украина, 315 евра. Нешто подобро стојат Албанија со 350, Молдавија со 360, Белорусија со 410.

Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 465 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат по 470, во Црна Гора 530, во Хрватска 850 и во Словенија 1.100 евра месечно.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП