4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоврат на ДДВ – кој ќе има најголема корист?

Поврат на ДДВ – кој ќе има најголема корист?

Низа проблеми со повратот на ДДВ. Апликацијата се уште не е достапна за корисниците на iPhone, а оние кои имаат андроид телефони тешко ја наоѓаат во Google Store. Оние кои ја инсталирале, пак, се жалат дека тешко оди скенирањето на дел од фискалните сметки.

Проблеми на стартот на проектот

Од Управата за јавни приходи велат дека работат на тоа апликацијата да стане достапна и за корисниците на iPhone. Објаснуваат дека сите други наједноставно можат да ја симнат директно од нивната веб страна ujp.gov.mk

„Сите кои се регистрирани на системот е-Персонален данок, преку апликацијата МојДДВ имаат можност да го скенираат баркодот од фискалните сметки и да го остварат правото на поврат на 15% од износот на платениот ДДВ. Граѓаните кои не се регистрирани, ги повикуваме да се регистрираат на е-Персонален данок и со скенирање на фискалните сметки да го остварат правото на поврат на ДДВ“ велат од УЈП.

Сепак дел од граѓаните се жалат дека апликацијата не препознава некои од фискалните сметки, особено доколку не се добро отпечатени. Засега нема решение за ова.

Дополнително, поврат на ДДВ не може да се оствари за сметките од комуналии зашто немаат баркод. Истото се однесува и на фискалните од такси превозот.

Надлежните уверуваат дека овие проблеми постепено ќе бидат надминати.

Повозрасните граѓани, оние кои немаат е-маил или мобилен телефон треба да отидат во канцелариите на УЈП за службениците да ги евидентираат, а потоа сметките да ги скенираат на посебни киоск апарати на кои е инсталирана апликацијата.

Парите ќе се враќаат на трансакциска

Парите од повратот на ДДВ ќе бидат префрлани директно на трансакциската сметка која е заведена на е-Персонален данок.

Бидејќи мерката стартува на средина од годината, првата исплата ќе биде во декември, а од следната година ќе се прави квартално односно во февруари, мај, август и ноември. Според анализите од оваа мерка кај граѓаните ќе бидат вратени околу 50 милиони евра годишно.

Ваквата можност важи за сите со наполнети 15 години кои имаат отворено сметка во банка и се регистрирани во системот на УЈП.

Колку пари може да се добијат?

Платена сметка од 1.000 денари, содржи данок од 180 денари, што значи дека секој ќе добие поврат од 27 денари. Сепак, има ограничувања – максималниот годишен износ не смее да надмине 7.200 денари годишно.

За да ги добие овие пари секој ќе треба да потроши 22.220 денари месечно за стоки и услуги за кои ќе добие фискални сметки. На оваа сума пресметаниот ДДВ од 18% го достигнува лимитот од вкупно 4.000 денари месечно.

Максималниот износ на сметката не треба да надминува 30.000 денари, а ДДВ да не биде поголем од 4.000 денари месечно, 12 илјади квартално и 48 илјади денари на годишно ниво. 4-члено семејство може да добие назад најмногу 28.800 денари годишно.

Сепак, треба да се внимава процедурата да се направи што побрзо. Фискалните сметки треба да бидат скенирани со мобилните телефони најдоцна до 10 дена од издавањето на фискалната сметка.

Експерти: најголемо фајде за најбогатите

Најбогатите ќе имаат најголемо фајде од повратот на ДДВ. Ова го покажува анализа на Finance Think. Нивните експерти пресметале дека за едно семејство да добие максимален поврат од 28.800 денари годишно треба да потроши околу 20 илјади евра. Од друга страна, пак, најсиромашните домаќинства ќе вратат само 738 денари. Семејство кое нема автомобил,  што троши месечно 32.670 денари, колку што изнесува минималната потрошувачка кошница која ја пресметува синдикатот,  ќе може да очекува поврат на ДДВ од 10.500 денари за една година. Оваа сума можат да ја достигнат само семејства со најмалку една просечна и една минимална плата.

„Семејствата со две минимални плати не се во можност без да се откажат од нешто да преживеат и со синдикалната потрошувачка кошничка. Според тоа, тие и најмалку ќе добијат од колачот што се вика поврат на ДДВ“ заклучува Finance Think.

Експертите предупредуваат дека мерката е популистичка и повратот е недостижен за мнозинството од граѓаните, бидејќи дури 75 отсто од населението има плата под државниот просек.

Пресметките покажуваат дека за да се добие најголем поврат на данок, годишно треба да се троши помеѓу 17 илјади и 62 илјади евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП