3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИФЦ започнува студија за голем хидроенергетски објект

ИФЦ започнува студија за голем хидроенергетски објект

ИФЦ, членка на Групацијата Светска банка и Владата на Северна Македонија денес потпиша Согласност за соработка за спроведување прелиминарна проценка на Проектот за Хидроелектричната централа (ХЕЦ) Чебрен.

Како дел од оваа проценка, ИФЦ ќе ја процени вредноста на проектот за енергетските системи на земјата и на регионот. Проектот за ХЕЦ Чебрен има потенцијал на Северна Македонија да и обезбеди чиста обновлива енергија и да и овозможи на земјата да ја намали зависноста од јагленот со кој сега се произведува електрична енергија за повеќето од домовите и бизнисите. Исто така, овој проект има потенцијал да обезбеди важни услуги за енергетските системи како во Северна Македонија така и во другите земји од регионот.

„Чебрен е клучен за иднината на Северна Македонија,“ – рече Кочо Анѓушев, заменик на Претседателот на Владата, за економски прашања. „Би ѝ помогнал на нашата земја во борбата со климатските промени, истовремено обезбедувајќи ја енергијата која итно и треба на нашата растечка економија.“

„Северна Македонија има добар потенцијал во однос на производството на хидро електрична енергија“ – изјави Џорџина Бејкер, потпретседателка на ИФЦ за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите. „Со нетрпение очекуваме да работиме заедно со Владата на Северна Македонија и со другите развојни партнери на изработката на проценката на Проектот за хидроелектраната Чебрен, кој претставува клучна иницијатива за подобрување на идната енергетска сигурност на земјата.“

Оваа соработка е дел од поголем напор на ИФЦ за поддршка на развојот на приватниот сектор во Северна Македонија. Од 2001 година, ИФЦ во земјата има инвестирано скоро 400 милиони УСД, помагајќи ѝ во отворањето работни места, подобрувањето на телекомуникациските услуги и зајакнувањето на локалната фармацевтска индустрија. ИФЦ има и активна советодавна програма која помага да се подобри деловното опкружување на земјата.

 

За ИФЦ

ИФЦ – сестринска организација на Светска банка и членка на Групацијата Светска банка – е најголемата светска развојна институција фокусирана на приватниот сектор во растечките пазари. Работиме со повеќе од 2.000 бизниси низ целиот свет, користејќи го нашиот капитал, стручност и влијание да создадеме пазари и можности во најсуровите делови од светот. Во фискалната 2018 година имаме доделено повеќе од 23 милијарди УСД како долгорочно финансирање за земјите во развој, искористувајќи ја моќта на приватниот сектор за ставање крај на екстремната сиромаштија и за поттикнување на заедничкиот просперитет. За повеќе информации посетете нè на www.ifc.org

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП