4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоврат на ДДВ – најголем ќар за најбогатите

Поврат на ДДВ – најголем ќар за најбогатите

Наместо помош за најсиромашните, поддршка за најбогатите. Економскиот институт Finance Think пресмета дека од мерката „Поврат на ДДВ“ најмногу ќар ќе имаат оние со највисоки приходи.

Нивните пресметки покажале дека за едно семејство да го добие максималниот поврат на ДДВ од 28.800 денари годишно треба да потроши околу 20 илјади евра.

Семејство кое нема автомобил, што троши месечно 32.670 денари, колку што изнесува минималната потрошувачка кошница која ја пресметува синдикатот, ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година. Оваа сума можат да ја достигнат само семејства со една просечна и една минимална плата.

„Семејствата со две минимални плати не се во можност без да се откажат од нешто да преживеат и со синдикалната потрошувачка кошничка. Според тоа, тие и најмалку ќе добијат од колачот што се вика поврат на ДДВ“, заклучува Finance Think.

Најсиромашните домаќинства ќе вратат само 738 денари годишно.

Повратот на ДДВ ќе почне да се спроведува од 1 јули. Веќе е изработена мобилна апликација преку која ќе се одвива овој процес.

Граѓаните треба да се регистрираат во системот Е-персонален данок (Е-ПДД) на УЈП, да ја преземат мобилната апликација „Мој ДДВ“ и да го внесат корисничкото име и лозинката од профилот на системот Е-ПДД. Откако ќе креираат ПИН, апликацијата се активира, а луѓето ќе треба само да го скенираат баркодот од фискалната сметка.

„Апликацијата дозволува скенирање само на валидни фискални сметки, додека незаконските не ги препознава. На тој начин граѓаните ќе знаат кој им го скратил правото, ќе ни помогнат во борбата против сивата економија и ќе бидат наши партнери и еден вид инспектори“ објаснува директорката на УЈП Сања Лукаревска.

Максималниот износ на поединечна сметка не треба да надминува 30.000 денари.

Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.

„Можноста за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани што имаат наполнето 15 години и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа да ги скенираат на својот мобилен телефон“ изјави премиерот Зоран Заев при промоцијата на проектот.

Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП