1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДетектор: Граѓаните сметаат дека државните универзитети имаат подобар квалитет

Детектор: Граѓаните сметаат дека државните универзитети имаат подобар квалитет

На крајот на учебната година квалитетот на образовниот процес во земјава (основно, средно и високо образование) доби тројка од граѓаните во најновото истражувањето на јавно мислење на тема „Квалитет на образование“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа Арбр Адеми – министер за образование, Горица Мицковска – експерт за образование и Антоанета Иванова од асоцијацијата за едукација „Млади инфо“.

Граѓаните сметаат дека денес имаме пониско ниво на квалитет на образование во однос на претходно (48,9%).

 

Според Горица Мицковска, експерт за образование резултатите од испитувањето ги рефлектираат вистинските состојби во земјава, „ние не доволно ги користевме информациите од различните домашни и меѓународни тестирања. Тие тестирања не е најважно да ни кажат каде сме споредбено со другите, туку кои се причините за состојбите во нашиот образовен процес. И затоа е потребно е да направиме длабоки анализи на тестирањата и на факторите на испитувањата кои влијаат на резултатите учениците, бидејќи земјите кои сериозно се грижат за образовнието длабоко ги анализираат тие фактори и врз основа на нив ги креираат образовните политики“, вели таа и дополнува дека социо-економски статус на родителите е еден од клучните фактори за успех на учениците, па така земјите со понизок економски статус се сместеи подолу на листата според квалитетот на образованието кое го пружаат.

Наставниот кадар е една од слабите страни на нашиот образовен систем (26,2%), потоа се учебниците (19,0%), додека испитаниците се поделени за образовните програми, дел сметаат дека се силна (19,9%), а дел дека се слаба страна (20,3%).

„Нееопходна ни е детална анализа на целиот систем за да ја имаме реалната слика во образованието. Веќе една година имаме вклучено домашни и странски партнери, меѓу кои ОБСЕ и УНИЦЕФ со кои работиме да го подигнеме квалитетот на образованието“ – вели министерот за образование Арбр Адеми.

Најголем дел од анкетираните сметаат дека има корупција во образованието (62,7%). Тој став го потврдуваат испитаниците кои се без деца во образовниот процес (70,9%), потоа испитаници кои се родители на деца во државно образование (54,7%) и родители на деца во приватно образование (51,8%).

За граѓаните при вработување во основно и средно образование најважен е професионалниот и педагошкиот капацитет на кадарот (45,4%), партиската припадност (28,8%) и роднинските и пријателски врски (16,4%).

Со реформите за основното кои беа најавени ќе овозможи подобрување на образовните политики во земјава и деполитизација и департизација на основното образование навестува минстерот Адеми. Тој најавува „повторно зголемување на платите на наставниците од 5% и овој септември, но за прв пат во ова зголемување ќе биде вклучено и високото образование. Ќе објавиме закон за наставници и стручни соработници каде што е предвиден кариерен развој на образовниот кадар и скалила на унапредување од кои ќе зависи зголемувањето на платите“ – вели Адеми посочувајќи ги личните заложби за враќање на положбата и имиџот на наставникот.

Мнозинството испитаници вели дека државните универзитети нудат подобар квалитет на образование (68,1%) и оваа предност е очекувана за Антоанета Иванова од „Млади инфо“ бидејќи „државните универзитети се наоѓаат повисоко на Шангајската листа на универзитети во споредба со домашните приватни универзитети. Тие поседуваат и кадар кој што во изминатиов период се градел и се усовршувал“ . истакнуваа Иванова и дополнува дека „младите се повеќе бараат можности за студирање надвор од земјава, не заради образовните политики кои се спроведуваат тука, туку заради конкурентноста и компатибилноста на програмите на факултетите со барањата на пазарот на труд и глобалните случувања“.

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Макеоднија не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на квалитетот на образованието (50,5%), но тие се оптимисти, и доколку станеме членка тие сметаат дека образовниот процес ќе подобри (59,8%).

„Она што ја прави разликата меѓу домашните и европските образовни политики е начинот на работа во училница. Иако многу параметри се слични, начинот на работа на наставниците многу се разликува. Се што се прави треба да е со фокус кон учениците, тие да стекнат компетенции кои ќе им требаат во реалниот живот и да стекнат способност цел живот да учат.“  – посочува Мицковска.

Истражувањето на тема „Квалитет на образование“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 18 до 21 мај, на 1.108 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП