13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОптимизам за економски раст, инвестиции и понизок долг за три години

Оптимизам за економски раст, инвестиции и понизок долг за три години

До 2022 економскиот раст да достигне пет отсто, бруто инвестиците да се зголемат за 6,1 отсто, буџетскиот дефицит да се намали на два отсто од БДП, годишниот раст на расходите во Буџетот да се намалат на пет отсто, државниот долг да се намали на 39 отсто од БДП, а јавниот на 49,1 отсто од БДП, при што нема да се загрози одржливоста на фискалните политики. Во растот на економската активности значително влијание треба да има нето извозот.

Тоа се дел од оптимистичките проекции во новата тригодишна Фискална стратегија во која се претставени среднорочните фискални цели и стратешки приоритети на Владата.

Со неа се прави нагорна ревизија на БДП на 3,5 отсто до крај на годината како резултат на забрзувањето на растот во минатата година и неговите позитивни поместувања во првиот квартал годинава. Во 2020 година е проектиран на 4,2 отсто, а до крајот на 2022 да изнесува пет отсто. Значително влијание врз растот се очекува да има приватната потрошувачка, со просечен годишен раст од 2,8 отсто на реална основа.

Според стратегијата, ќе има повеќе инвестиции бидејќи се зголемила довербата на фирмите, поповолна е деловна клима, подобрени се евроатлантските перспективи, а воедно и како резултат на приливот на странски директни инвестиции и владините мерки за поттикнување на инвестициите, со влијание и на инвестициите на јавниот сектор. Реалниот раст на извозот на стоки и услуги е проектиран на 9,1 отсто во просек, додека увозот на стоки и услуги ќе се зголеми за 6,8 отсто.

Планираното намалување на годишната стапка на раст на расходите од 14,2 отсто годинава на 5,2 отсто во 2022, заедно со наплатата на приходите треба да овозможи постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП во 2019 година на 2,3 отсто во 2020 година и по два отсто од БДП во 2021 и 2022 година.

Движењето на јавниот долг во наредниот период ќе биде одраз на среднорочната буџетска рамка, реализацијата на капитални проекти, како и отплатите на долгот кој достасува, околу 2,3 милијарди во главница за периодот 2019-2022 година. Ревидираната фискална стратегија претпоставуваше јавен долг од 49,8 отсто од БДП во 2018 година, наспроти остварениот значително понизок јавен долг од 48,5 отсто од БДП. Од Министерството за финансии планираат државниот долг од проектираните 42,2 отсто од БДП за годинава да се намали на 39 отсто од БДП во 2022 година.

Проектите во патната инфраструктура со заеми гарантирани од државата, умерено ќе го зголемат гарантираниот долг до 11,1 отсто од БДП во 2021 година, којшто една година потоа ќе се намали на 10,1 отсто. Сето тоа ќе резултира со умерено зголемување на вкупниот јавен долг на 51,7 отсто од БДП годинава и 52,3 отсто од БДП следната година. Во 2021 година треба да се намали на 50,8 отсто, аво 2022 на 49,1 отсто, износ под утврдениот лимит за нивото на јавниот долг од 60 отсто од БДП.

Владата ја усвои Фискалната стратегија на предлог на Министерството за финансии. Тоа е стратешки документ кој се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП