23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата со „brown field” инвестиции ќе ги заживува старите капацитети

Владата со „brown field” инвестиции ќе ги заживува старите капацитети

vlada_nadvoresno_g

Над 400 единици на ресурси, во кои спаѓаат цели комплекси или делови од комплекси од поранешни производни капацитети се најдоа на листата изготвена од Владата на Република Македонија за т.н. brown field инвестиции.

Како што информира портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција листата содржи над 400 единици на ресурси, во кои спаѓаат цели комплекси или делови од комплекси од поранешни производни капацитети како што се единици фабрики, хали, сали, магацини, деловни згради, исто така, и туристичко-сместувачки капацитети како што се хотели, одморалишта, и земјоделски капацитети како што се оранжерии, делови од комбинати, производни површини и слично.

– За секоја единица ресурс постои опис на објектите што ги содржи, на дополнителниот простор во негов состав, на видот на сопственоста, на инфраструктурната поврзаност со пат, на приклучокот за струја, вода, телефон и интернет, на видот на оптоварување на објектот доколку постои оптоварување, и контакт податоци за субјектите, рече Ѓорѓиев.

Владиниот портпарол посочи дека овие над 400 единици на ресурси наведени во листата располагаат со објекти во површина над 1.700.000 метри квадратни простор, а доколку се земе вкупната површина која е содржана на листата, во која покрај објектите спаѓаат и дворовите, земјоделски површини поврзани со процесот на производство, градежните земјишта и слично, тогаш вкупната површина на простор изнесува над 4 500 000 метри квадратни. – Како такви, овие капацитети претставуваат соодветен ресурс кој може да се ползува и од странски и од домашни субјекти за реализација на нивни инвестиции и деловни потфати, додаде тој.

Базата на податоци, како што појасни, е изработена низ подолг процес на прибирање податоци, и во соработка со сите државни институции, но и со стопанските комори, комерцијалните банки, Комората на извршители и Комората на стечајни управници, до кои беше доставен соодветен образец во кој субјектите ги пополнуваа постоечките капацитети кои се во нивен или посед на нивните членки, а кои се погодни за оваа намена.

Најави дека во текот на следните денови оваа листа со база на податоци како демо верзија ќе биде поставена на интернет страната на Владата и на Агенцијата за привлекување  странски инвестиции и промоција на извозот за да може потенцијалните заинтересирани страни да се запознаат и да стекнат првичен впечаток за можностите и податоците.

– Во период од еден до два месеца Агенцијата за странски инвестиции ќе изработи специјализирана интернет страна за можностите и ресурсите за brown field инвестиции, чија основа ќе биде оваа листа со база на податоци која ќе биде поткрепена и со фотографии за површините и ресурсите заради стекнување соодветен впечаток за можностите. Агенцијата за странски инвестиции ќе ја оперира оваа листа, а податоците од неа ќе бидат испратени и до дипломатско-конзуларните претставништва и економските промотори за промоција на капацитетите од неа пред странските инвеститори, истакна Ѓорѓиев

Во контекст на тоа додаде дека листата ќе биде отворена за надградување и дополнување, и сите субјекти кои имаат интерес за објава на истата ќе може тоа да го направат преку Агенцијата за странски инвестиции, која ќе дава и дополнителна логистика за поврзување меѓу интересентите и сопствениците на ресурсите од листата.

– При евентуално ползување на ресурс од оваа листа за реализација на brown field инвестиции, потенцијалниот инвеститор ќе може да го одбере деловниот потфат кој ќе го реализира во капацитетите од листата и тоа во поглед на стопанската дејност која ќе ја извршува, притоа почитувајќи ги законските прописи кои ја уредуваат материјата и тоа меѓу другото и во поглед на почитување на урбанистичките планови кои ја детерминираат катастарската област, намената на објектите, почитувањето на еколошките стандарди, рече Ѓорѓиев.

Со оваа база на податоци, како што посочи, се прави значаен исчекор во креирање позитивна клима и обезбедување на услови за реализација на brown field инвестиции. – Таа ќе е од корист и за странските и за домашните инвеститори бидејќи нуди нови можности, но ќе е од корист и за забрзување на стечајните постапки и рационализација во разлачувањето на имотот и можностите за реорганизација на деловниот потфат на стечајниот субјект, и од корист за комерцијалните банки и извршителите за расчистување со хипотекарен имот заснован на должничко-доверителски односи, нагласи владиниот портпарол.

Меѓу попознатите капацитети кои што се најдоа на листата се Фабрика за акумулатори Пробиштип, Јака Табак Радовиш, Фротирка Делчево, Македонка Штип, Фабрика Македонија Неготино, Хемтекс, Застава Охрид, Езерка Охрид, АДГ Маврово, Порцеланка Велес, Киро Кучук Велес, Отекс, ЕМО, Металка Кичево, Карпош Крива Паланка, хотел Македонија Берово, Одморалиште Стар Дојран, хотел Фламенго Охрид, МЗТ Пумпи Берово, Огражден, Фабрика за кабли Неготино, Леснина, Бујото…

Владата, како што рече портпаролот Ѓорѓиев, ќе продолжи со реализација на мерки и активности чија цел е подобрување на условите за инвестиции, за динамизирање на економските текови и развој на економијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП