20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската трпеза сѐ поскромна - многу леб, малку месо

Македонската трпеза сѐ поскромна – многу леб, малку месо

На просечната трпеза има најмногу леб и компир, а најмалку месо и риба. Македонецот од година во година се храни се поскромно.

Според официјалните податоци на Државната статистика (ДЗС) расте потрошувачката на житарките и тестенините за сметка на другите, поскапи прехранбени производи.

Според анализата на ДЗС просечниот Македонец на ден јаде по нешто над 200 грама леб, околу 100 грама други житарки и 20 грама тестенини.

Кај зеленчукот најпродавани се компирите, по околу 80 грама, следат оризот со 20-на грама, гравот со 15, кромидот и лукот со по околу 30, исто колку и зелката. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје, кајсиите и праските едвај надминуваат 10 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најмногу се јадат пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 30 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и околу 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец. Просечната потрошувачка на цигари по човек е 2.2 на ден.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во април годинава, споредено со истиот месец лани, животот во земјава е поскап за 1.9%. Најголем раст на цени има токму кај производите што ги задоволуваат основните потреби за живеење.

Храната генерално поскапела за 3.6%. При тоа, најголем раст на цените бележи зеленчукот, дури 29.2%. Значајно е да се спомене и дека тутунот се продава по цена повисока за 11.6%, а горивата се поскапи за 5.2%.

Голем раст на цените има и кај болничките услуги 8.5%, здравствените 6.9% и медицинските услуги 8.3%.

Минатиот месец граѓаните за туристички аранжмани плаќале дури 25.4% повеќе во однос на истиот месец лани.

Од прехранбените производи позначајно поевтинување има кај овошјето, за 8.4% и маслото за 6.1%.

Во текот на минатиот месец, помалку се плаќало и за централно греење 2.9%, воздушен сообраќај 5% и книги за 15%.

На едно четиричлено семејство му се потребни 32.989 денари за да го протурка месецот. Ова е вредноста на минималната кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ).

Во април годинава во споредба со истиот месец лани таа е потешка за 494 денари.

Минатиот месец најмногу пари биле потребни за храна и пијалаци или 13.909 денари, 10.423 денари биле потребни за домување. За хигиена се одвојувале 2.331 денари, додека за превоз 2.386 денари. Најмалку пари од граѓаните издвојуваат за одржување на здравје или само 703 денари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП