Компанијата Connecthings која се занимава со локациска анализа на мобилните телефони направила интересно истражување за употребата на мобилните апликации на дневно ниво. Истражувањето било спроведено на 1034 корисници кои демографски го покриваат населението во САД, а опфатен е периодот од октомври до декември 2018 година.
Резултатите покажале дека корисниците имаат инсталирано помеѓу 25 и 50 апликации на нивните телефони, додека повеќето користат само пет апликации на дневна основа. Повеќе од половина од анкетираните корисници (56%) се сметаат себеси за луѓе кои брзо ги прифаќаат новите технологии, но половина од нив на нивните телефони немаат инсталирано повеќе од 25 апликации. Само четири проценти од корисниците објавиле дека имаат инсталирано повеќе од 100 апликации. Дури 84% од корисниците навеле дека на дневна база користат помалку од 10 апликации.
Прилично се изненадувачки резултати кои што ги наведоа припадниците од Генерацијата Z. Дури 42% од овие корисници користат помалку од пет апликации дневно, додека само 14% користат повеќе од 20 апликации на дневна основа (што е повеќе од сите други генерации заедно). Ако ги погледнеме истражувањата по полот, повеќе од две третини од мажите (69%) “ги чистат” своите телефони барем еднаш месечно. Тие ги распределуваат апликациите по фолдери и редовно ги бришат апликациите што повеќе не сакаат да ги користат. Двајца од пет (40%) мажи ја прават оваа работа најмалку еднаш неделно (додека кај жените е 29%).
Исто така е интересно како корисниците се однесуваат според известувањата на телефонот. Повеќе од половина од испитаниците (58%) одговориле дека отвориле само околу една четвртина од добиените известувања. Никој не ги гледа сите известувања, а само 10% од корисниците гледаат три четвртини од добиените известувања. Најмногу се следат известувањата поврзани за временската прогноза (38% од корисниците ги гледаат), а во руралните средини овој процент е уште поголем (52%). Членовите на Baby Boomers (родени по втората светска војна па се до средината на шеесеттите години од минатиот век) најмногу се нервираат поради добиените известувања.
Ова истражување имало за цел да ги открие навиките на корисниците на мобилни телефони врз основа на кои во иднина би можеле да создаваат адаптивни апликации кои би го препознале и би го персонализирале искуството на нивните употреби.