Во светот не запира борбата против мали сипаници и последиците од невакцинирање на децата на време.
Како одговор на епидемијата на мали сипаници, градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио во делови на Бруклин прогласи задолжителна вакцинација на населението кое живее во погодените области, или ќе се соочат со казни од илјадници долари.
“Имаме ситуација во која децата се во опасност. Треба сериозно да го сфатиме тоа”, инсистираше де Бласио.
Најголемата епидемија на мали сипаници во градот од 1991 година е ограничена главно на православната и еврејската заедница во Вилијамсбург, дел на Бруклин со 285 потврдени случаи од октомври, во споредба со само два случаи во 2017 година. Меѓу болните, само 39 не се деца. Хоспитализирани се 21 лице, а петмина беа примени на интензивна нега.
Ова е прв пат Њујорк да прогласи задолжителна вакцинација во поновата историја. До сега, веќе се преземени мерки со кои инфицираните деца и тинејџери нема да можат да се движат на јавни места или да посетуваат настава во училиштата.
Малите сипаници предизвикаа аларм и во Клагенфурт, главниот град на австриската покраина Корушка. Градскиот автобуски сообраќај беше суспендиран неколку часа, бидејќи еден возач во јавниот транспорт оболел од мали сипаници. Беше проверуван статусот на вакцинација на сите возачи и сите автобуси беа дезинфицирани.
До 3-ти април во Австрија беа забележани 60 заразени од сипаници, а на целата територија на минатата година се регистрирани вкупно 77 случаи.