7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија има 9 илјади слободни работни места

Во Македонија има 9 илјади слободни работни места

При стапка на невработеност од 20.8% во земјава има и околу 9 илјади слободни работни места. Ова го покажуваат анализите и на Државниот завод за статистика и податоците од Агенцијата за вработување. Македонија има сериозни дисбаланси на пазарот на труд што на среден рок ќе го закочи економскиот раст.

ДЗС: 8.156 слободни работни места

Во Македонија има 8.156 слободни работни места, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) кои се однесуваат на четвртиот квартал од минатата година.

Според ДЗС најмногу слободни позиции има во секторот преработувачка индустрија (2.941). Следуваат трговија (1.512), транспорт и складирање (553), административни дејности (424), здравствена и социјална заштита (422), угостителство (414)…

Гледано по региони најмногу работници се бараат во Скопски (3.737), Пелагониски (1.445), Источен (829), Југозападен (668), Вардарски (543), Југоисточен (488), Полошки (262) и Североисточен (185).

АВРМ: 9.470 слободни работни места

На веб страницата на Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов се објавени 9.470 слободни работни места.

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

Стапка на невработеност од 20.8%

Стапката на невработеност се намалила за 1.3 процентни поени за една година. Во третиот квартал од 2018-та изнесувала 20.8%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Невработеноста останува најголем проблем за најмладите. Дури 45.8% од луѓето на возраст до 24 години немаат работа, во категоријата од 25 до 49 години стапката изнесува 19.4%, а над 50 години достигнува 16.5%.

21% од мажите и 20.5% од жените не можат да најдат работа.

Најголем дел од невработените се со средно образование, а помал дел со високо и со основно.

Пазар на труд: најголем проблем разликата меѓу понудата и побарувачката

И при стапка на невработеност која надминува 20% најголем дел од компаниите не можат да најдат соодветен кадар. На пазарот на труд има многу правници и економисти, а малку работници и продавачи.

Ова го потврдува и анализата на Народната Банка на оваа тема. Експертите заклучуваат дека разликата меѓу понудата и побарувачката на вештини е еден од најголемите предизвици со кои се соочува пазарот на труд.

„Иако дел од оваа разлика е циклична и се поправа самата од себе преку економското закрепнување, сепак во голем дел таа е од структурен карактер. Има тренд на намалување на бројот на слободни работни места во речиси сите сектори што укажува на поволно движење кое пред се е резултат на образовните реформи особено на задолжителното средно образование“ се наведува во публикацијата „Движење на основните показатели на пазарот на труд и активните мерки на пазарот на труд во справувањето со невработеноста: искуството на Македонија“ од авторите Анета Крстевска и Маја Илиевска.

Анализата што ја направиле тие покажува дека најголем дел на слободни работни места има во категориите сервисни услуги и продажба, дури една третина од вкупниот број. Висока побарувачка има и за технички и професионален кадар, а во помал обем за основни занимања како работници во индустријата и градежништвото.

18 милиони евра за мерки за вработување

Со речиси 18 милиони евра државата ќе го стимулира вработувањето преку активните мерки во чиј фокус годинава ќе бидат младите.

Оперативниот план за 2019 година е наречен „Шанса за сите“ и предвидува највисок износ досега.

Со мерките се очекува да бидат опфатени околу 8.000 граѓани. Тие меѓу другото предвидуваат поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП