27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБислимовски: Снабдувачите незаинтересирани да понудат пакети за домаќинствата

Бислимовски: Снабдувачите незаинтересирани да понудат пакети за домаќинствата

Ниту еден од осумте активни, од вкупно 30-те, снабдувачи на пазарот на електрична енергија не понуди пакет за домаќинствата, иако од 1 јануари годинава има целосна либерализација на пазарот на струја. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, незаинтересираноста на снабдувачите се должи на високата цена на електричната енергија на домашниот и на регионалниот пазар.

-За жал, во изминатиов период снабдувачите, пред сè заради високите цени на електричната енергија на пазарот во земјава, но и на регионалниот пазар, каде што цената се движи од 70 до 80 евра за мегават-час, сè уште немаат интерес да им ги понудат своите услуги на домаќинствата, но со новиот Закон за енергетика и со подзаконските акти во делот на електричната енергија што ги донесе РКЕ на домаќинствата кои се сè уште на регулираниот пазар им се гарантира постојната цена, потенцира Бислимовски.

Очекувам, потенцира, во март и април, во периодот на големи води, што е карактеристичен за нашиот регион кога ќе почне пролетта и топењето на снеговите, да има и одредено намалување на цената на регионалниот пазар поради поголемото производство на електрична енергија. Тоа значи да има многу поголема понуда, а се очекува и побарувачката да биде намалена, пред сè заради немањето потреба од греење.

Прецизира дека во првите два месеца од годинава понудени им се и склучени се договори за снабдување со поголем број мали потрошувачи што до либерализацијата користеа индустриска струја.

-Пазарот на електрична енергија целосно се либерализира од 1 јануари годинава и, според нашите сознанија, голем дел од активните снабдувачи во јануари и февруари склучија договори со потрошувачите кои ја плаќаа таканаречената индустриска струја. Станува збор за мали, пред сè комерцијални потрошувачи – дуќанчиња и гранапчиња, на кои сега за 20 – 30 отсто им се намалени трошоците за електрична енергија. Досега на регулираниот пазар плаќаа околу 150 евра за мегават-час, а сега и со купена електрична енергија и со вклучени трошоци за мрежарина нивните трошоци се намалени за 20 – 30 проценти, вели Бислимовски.

Наскоро универзален снабдувач со електрична енергија

Во крајна фаза е и изборот на универзалниот снабдувач со електрична енергија. Во наредните денови ќе заврши аукцијата, по што ќе се избере универзален снабдувач. Двете заинтересирани компании „ЕВН снабдување“ и „ЕЛЕМ трејд“ ги исполнуваат сите услови, а ќе се избере онаа што ќе понуди најмала маржа на поддавањето, најавува Бислимовски.

Очекува да има намалување за 20 – 30 отсто на првичните понуди што ги доставија „ЕВН снабдување“ и „ЕЛЕМ трејд“ на тендерот за универзален снабдувач.

-Најниска понуда за маржа даде „ЕВН снабдување“ од 14,4 проценти. Поддавањето треба да почне од таа сума, а ќе биде избран тој што ќе понуди најнизок процент за маржа, прецизира Бислимовски.

Тој нагласува дека до формално-правно почнување на вршењето на дејноста на универзален снабдувач ќе треба да поминат уште два – три месеци во формални постапки пред РКЕ за добивање на неопходните дозволи.

-Согласно Законот за енергетика и двете компании што се заинтересирани да станат универзален снабдувач ќе треба да формираат посебна компанија, со цел да ги одвоиме регулираната од нерегулираната дејност. На таа компанија РКЕ ќе ѝ издаде лиценца за снабдување со електрична енергија со обврски што се однесуваат на универзалниот снабдувач. Тоа го правиме со цел да нема прелевања на финансиски средства од нерегулиран на регулиран пазар и малите потрошувачи што останале на регулираниот пазар да не ги покриваат загубите што евентуално снабдувачите би ги направиле на слободниот пазар на електрична енергија, појаснува Бислимовски.

Немањето соодветен капацитет причина за пријавувањето само на две компании на тендерот за универзален снабдувач

Една од причините поради кои малите снабдувачи не се јавија на конкурсот за избор на универзален снабдувач е што немаат капацитет и соодветен билинг-систем, смета Бислимовски.

-Во овој период нивните портфолија се од 50 до 100 потрошувачи, а некои од поголемите имаат 400 – 500 потрошувачи. На регулираниот пазар во првиот момент ќе треба да снабдуваат најмалку 600.000 домаќинства. За тоа треба да бидат посериозно подготвени, пред сè кадровски, но и технички, вели Бислимовски.

Претпоставувам, нагласува, дека не биле подготвени да го исполнат овој критериум.

-Но, сепак, појавувањето на двајца понудувачи на овој тендер е извонреден успех, имајќи предвид дека ние сме прва земја што распиша ваков тендер и на кој се јави конкуренција. Нашите очекувања се да нема ценовни шокови по изборот на универзалниот снабдувач за домаќинствата и за потрошувачите кои избрале да бидат на регулираниот пазар на електрична енергија, потенцира Бислимовски.

Компанијата што ќе биде избрана за универзален снабдувач, посочува, ќе треба да формира посебна компанија што ќе врши дејност универзален снабдувач, но дотогаш ЕВН Македонија АД Скопје ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата по цени што ги определува РКЕ.

-Со изборот на универзален снабдувач нема да има никаков прекин во снабдувањето со електрична енергија за малите снабдувачи и нема да има никакво влијание врз цената за домаќинствата додека не профункционира универзалниот снабдувач. Имаме и законска обврска АД ЕЛЕМ да ги снабдува и да обезбеди најмалку 80 отсто, па потоа најмалку 70 отсто сè до најмалку 30 отсто во наредните седум години, прецизира Бислимовски.

Граѓаните немаат обврска да известат дали ќе останат на регулираниот пазар

Откако ќе биде избран универзалниот снабдувач, граѓаните кои ќе останат на регулираниот пазар немаат никакви обврски да известуваат и по автоматизам си остануваат на тој пазар.

-Сè до моментот додека граѓаните и домаќинствата не решат да одат на слободен пазар, немаат никакви обврски. Кога ќе решат да одат на слободен пазар, таа обврска за промена на снабдувач и постапка не ја води граѓанинот, туку избраниот снабдувач на слободниот пазар на електрична енергија. Граѓанинот само му дава полномоштво дека тој го застапува и таа постапка ја тера снабдувачот пред операторот на дистрибутивниот систем. На никој начин граѓаните нема да бидат оптоварени со некакви малтретирања, појаснува Бислимовски.

До донесувањето на нова одлука на РКЕ, потенцира, ќе продолжат да важат истите цени на регулираниот пазар на електрична енергија.

-Вообичаено како и во изминатите десетина години РКЕ до крајот на јуни повторно ќе донесе одлука за цена и за новото претпријатие што би било избрано за универзален снабдувач. Во правилата за снабдување, со цел да им олесниме на граѓаните, ќе дадеме можност доколку сакаат и можат да потпишат договор со некое ново претпријатие. Но, за да не правиме трошоци кај новиот универзален снабдувач сметаме дека се подразбира дека тој што бил претходно снабдуван од ЕВН Македонија АД Скопје и одлучил да остане на регулираниот пазар нема потреба да потпишува класичен нов договор во првиот момент. Понатаму, ќе оцениме доколку има потреба, избраниот универзален снабдувач да изготви нови договори за сите потрошувачи, но притоа особено ќе внимаваме да не предизвикаме никакви дополнителни трошоци кај новиот универзален снабдувач со цел тоа да нема влијание врз крајната цена на електричната енергија, потенцира Бислимовски.

Наскоро нови правила за баланс на енергија

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика најавува дека до средината на идниот месец ќе бидат исполнети сите барања од Енергетската заедница за целосна либерализација на пазарот на електрична енергија во земјава.

-Пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија од 1 јануари е целосно либерализиран. Единствена работа што преостанува и што ја потенцираа претставниците од Секретаријатот на Енергетската заедница е донесување нови правила за балансирање. Во овој момент има балансен механизам кој функционира и кој го применува МЕПСО, но, за жал, не е пазарно ориентиран. Во крајна фаза сме на одобрување на правилата за балансирање на електрична енергија, кои ќе бидат одобрени од РКЕ во првата половина на март. Со тоа ќе го завршиме и тој последен чекор за целосна либерализација и на пазарот на баланс на енергија, потенцира Бислимовски.

Забелешката на Енергетската заедница, додава, е дека сè уште не се донесени правилата за балансирање што АД МЕПСО ги достави до РКЕ.

-Тие беа изготвени во АД МЕПСО со финансиска поддршка од Енергетската заедница и имаше мали проблеми во однос на преводот. Текстот беше на англиски јазик и треба соодветно да се приспособи на правните нормативи во нашата земја. Најдоцна до 15 март овие правила за балансирање, кои во најголем дел се усогласени со сите заинтересирани страни, ќе бидат одобрени од РКЕ и ќе почнат да функционираат во наредниот период, посочува Бислимовски.

Според него, и во моментов пазарот на електрична енергија функционира беспрекорно.

Балансната енергија, појаснува, е енергија што ја активира МЕПСО во случај кога некој презема повеќе електрична енергија од тоа што го најавил.

-Таа електрична енергија во моментов според псотојниот механизам ја доплаќаат, но со новите правила за балансирање набавката на таканаречените системски услуги и системски резерви ќе оди на тендер. Нашите очекувања се ЕЛЕМ како најголем производител да има најголема можност да ги нуди овие системски резерви поради техничките параметри што ги поседува, како што е и во сите други земји каде што од вертикалноинтегрираните претпријатија произлегле три големи компании за производство, пренос и дистрибуција. Но, сепак, ќе се даде можност на тендрите за набавка на системски услуги покрај АД ЕЛЕМ да се вклучи, да речеме, и ТЕ-ТО АД Скопје и трговци кои можат да ја дадат оваа услуга, вели Бислимовски.

По донесувањето на правилата за баланс на енергија, посочува, АД МЕПСО ќе има можност да се вклучи и на регионалниот пазар на баланс на енергија, при што е во заеднички блок со Србија и со Црна Гора.

-Тоа ќе биде позитивно бидејќи на трите систем-оператори ќе им се отвори можност заеднички да ги набавуваат системските резерви, што ќе доведе до намалување на трошоците за нивна набавка, кои регулаторните тела во трите земји ги признаваат како трошок и ги вклучуваат во цената за пренос. Во овој момент земјава има обврска да обезбеди системска терцијална резерва од 225 мегавати, колку што е најголемиот блок. Таква обврска имаат и Србија и Црна Гора, како и сите земји членки на Здружението на преносни систем-оператори во Европа. Кога трите земји ќе се вклучат во еден заеднички блок, што е прва фаза кон целосно либерализирање на овој пазар на баланс на енергија во цела Европа, наместо секоја земја да набавува посебно по околу 250 мегавати или вкупно 750 мегавати, трите земји во наредниот период зеднички ќе набават само 250 мегавати, што ќе има сериозно влијание на намалување на трошоците за системски услуги и системски резерви, нагласува Бислимовски.

Слободниот пазар на електрична енергија во земјава, најконкурентен во регионот

Северна Македонија е единствен пример во регионот, бидејќи најголемиот снабдувач со електрична енергија не произлегува директно од вертикалноинтегрираните компании што произлегоа од поранешното електростопанство, порачува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.

На слободниот пазар на електрична енергија, додава, сме единствена земја во регионот каде што има осум активни снабдувачи.

-Тврдам дека слободниот пазар на електрична енергија е најконкурентен во регионот, а мислам и споредено со повеќе земји членки на Европската Унија. Во Србија нивниот пазар на електрична енергија на хартија е 100 проценти либерализиран, но пазарното учество на компанијата за снабдување што произлезе од вертикалноинтегрираното претпријатие „Електропривреда Србије“ е околу 95 проценти. Тоа значи дека не можеме да зборуваме за никаква конкуренција. Ние бевме единствена земја во регионот каде што на слободниот пазар поголемо пазарно учество имаше компанија што не произлегла од старото ЕСМ и таков случај нема во околината, па ни во Хрватска и Словенија, нагласува Бислимовски.

Во земјава има вкупно 30 компании со лиценци за снабдување со електрична енергија, од кои осум се активни.

Валентин Јанковски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП