29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ очекува трговски договор со САД до крајот на годината

ЕУ очекува трговски договор со САД до крајот на годината

Европскиот комесар за трговијата Сесилија Малмстром изјави дека евентуалнит трансатлантски трговски договор може да биде постигнат пред крајот на годината. Таа исто така истакна дека блокот е подготвен да работи експедитивно со желбата да ја избегне заканата од американските царини за автомобилите.

Малмстром посочи дека очекува европските влади да и дадат мандат во март за започнување на дијалогот со САД за намалување на царините врз индустриските стоки. Според неа конечниот договор со администрацијата на претседателот Доналд Трамп би можело да биде постигнат пред да заврши мандатот на сегашната Европска комисија на 31-ви октомври, пишува „Bloomberg“.

„Сметам дека тоа може да биде направено во рамките на овој мандат“, изјави таа за новинарите во Букурешт пред средбата на трговските министри на 28-те земји од блокот. „Ќе немаме што да пропуштиме“, додаде комесарот на ЕУ.

Европа брза да постигне напредок во политичкиот договор, постигнат пред седум месеци меѓу Трамп и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, за забрзување на работата во укинувањето на трансатлантските трговски бариери.

Договорот од јули го замрзна воведувањето на нови американски царини за европските автомобили и автомобилските делови. Заканата од нови давачки дојде откако САД воведоа царина за увозот на челик и алуминиум, на кои Брисел одговори реципрочно. И овој пат ЕУ се заканува со реципрочни мерки ако сепак дојде до нови трговски ограничувања.

Едно евентуално зголемување до 25% на царините врз странските автомобили ќе ја зголеми нивната крајна цена со 10.000 евра, покажуваат податоците на ЕК.

„Важно е сите да се согласиме со намалување на царините на меѓународно ниво, а не за нивно зголемување“, изјави во Букурешт германскиот министер за економија Петер Алтмајер, чија земја ќе биде еден од најголемите губитници од евентуалното ограничување на европскиот увоз во САД.

Малмстром ја повтори европската позиција дека евентуалното решение на Вашингтон да воведе повисоки царини врз европските автомобили ќе стави крај на трансатланското трговско примирје.

„Додека разговараме, не треба да си наметнуваме царини едни против други“, рече таа.

Минатиот месец Малмстром претстави нацрт на договорот за слободна трговија со САД, во рамките на кој ќе бидат намалени царинските давачки за широк спектар на стоки, вклучувајќи ги автомобили. Токму за овој предлог разговараат европските министри во романската престолнина, пред да биде официјално донесена одлука во следните недели.

Укинувањето на царините врз индустриските стоки ќе го зголеми американскиот извоз за ЕУ ​​со 13%, а пратките на блокот за САД со 10%, покажуваат податоците на комисијата. Од нив станува јасно исто дека просечната царинска стапка за неземјоделски производи во ЕУ е 4,2%, а во САД е 3,1%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП