28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТелефонија: фиксните фаќаат прашина, мобилните стануваат паметни

Телефонија: фиксните фаќаат прашина, мобилните стануваат паметни

Најголем дел од фиксните телефони остануваат заборавени во домот, речиси и не се користат. Истовремено се повеќе луѓе имаат паметни мобилни и паметни телевизори. Најновата анкета спроведена од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) покажува дека Македонците се повеќе ги следат новите технологии.

Фиксните телефони фаќаат прашина – речиси никој не ги користи

Секое второ домаќинство поседува фиксен телефон, а и оние кои ги имаат слабо ги користат. Во анкетата скоро половина од испитаниците се изјасниле дека никогаш не креваат слушалка односно дека оваа услуга ја имаат бидејќи е во пакет со интернет или кабелска телевизија.

32.9% од домаќинствата имаат безжичен а 18.4% обичен фиксен телефон.

Бројот на корисници има тенденција на стагнација во изминатите три години, а најголем удел во пазарот се уште има Македонски телеком со 58.8% од вкупниот број корисници.

Бројот на корисници на мобилен со стабилен раст

Од друга страна бројот на корисници на мобилен телефон има тенденција на благ но контиунуиран раст. 96.8% од испитаниците се изјасниле дека имаат мобилен.

81% од корисниците имаат паметен (smart) мобилен телефон, а само 19% имаат обичен. Трендот на заменување на обичните со паметни телефони продолжува со засилено темпо.

За 60% од испитаниците главен оператор е ВИП, за 39% тоа е Македонски телеком. Lycamobile има минимално учество со 1%, а бидејќи анкетата се однесува на 2018-та година не е земен предвид новиот оператор Телекабел.

60.8% од ипитаниците се изјаниле дека би преминале на друг оператор доколку постоечкиот ги зголеми цените за над 10%.

4 од 5 Македонци користат интернет

Анализата на АЕК покажува и дека пристап до интернет имаат 84% од домаќинствата, а 78% од граѓаните се online.

Најкористена технологија за пристап до светската мрежа е кабелски интернет (39.3%), потоа ADSL (35.5%), оптика (10.7%) а другите опции имаат многу помали удели.

Најголем удел во пазарот има Македонски телеком (38%), следи ВИП (27%), Телекабел (14%).

Речиси секој дом има барем еден телевизор

99.5% од домаќинствата поседуваат барем еден телевизор. Од нив дури 90% плаќаат месечен пакет услуги односно некоја форма на кабелска телевизија.

Половина од населението поседува паметен (smart) телевизор. Најкористена апликација е YouTube.

Само 16% од корисниците плаќаат за дополнителен пакет со филмски, спортски или pay per view канали.

Се повеќе луѓе се одлучуваат за пакет услуги

Македонците се повеќе ги користат телекомуникациските услуги во пакет. Интерентот и телевизијата најчесто одат заедно, но се повеќе во истиот договор влегуваат и мобилните линии.

Најпопуларен пакет кој го имаат 38.5% од домаќинствата е интерент и телевизија додека најбрзорастечки пакет со раст од 10% за една година е оној што ги обединува сите услуги во едно – фиксен, мобилен, интернет и телевизија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП