17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаната пролет влијае позитивно на семејниот буџет

Раната пролет влијае позитивно на семејниот буџет

Повисоки температури, пониски сметки. Раната пролет не влијае позитивно само на расположението туку и на семејниот буџет. Со температури и до 18 степени кои се и до 10 степени повисоки од просекот за овој период од годината грејните тела речиси и не се потребни. Според прогнозите релативно топлото време ќе продолжи уште најмалку две недели. Ова секако ќе се одрази на сметките, но кој колку ќе заштеди зависи од тоа кој енергенс го користи.

Најмногу ќе заштедат оние кои се грејат на струја, особено сопствениците на клима уреди со инвертор – тие при повисоки надворешни температури работат со минимален капацитет, во вакви услови само 10 до 20%. Со тоа и потрошувачката на струја е минимална.

Цената на струјата на 1 јули се намали за 0.10%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 2 денари. Инаку грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари.

Оние кои се греат на дрва секако минимално ќе го ложат каминот или ќумбето, но тука нема автоматика па може да се погреши во проценката. Наутро кога се пали огнот се нема баш претстава каков ќе биде денот па може безпотребно да се стават и премногу дрва.

Нема промени на цените во ЈП „Македонски шуми“. Веќе неколку години огревното дрво се продава по исти услови – 2.370 денари за кубик бука и 2.470 за кубик даб. Има и друга поевтина, категорија која се нуди за 1.860 денари. За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари.

Граѓаните кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Нивните сметки засега се исти, но се очекуваат порамнувачки со понизок износ во следните месеци.

Парното греење е поевтино од лани. Веќе неколку години по ред поевтинува иако минимално. Оваа сезона најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) има пониски цени за 3.10%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 1.13%, а „Скопје Север“ за 0.76%. Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.700 денари или 20.400 денари годишно.

Според Државната статистика (ДЗС) 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Топлото време најмногу им оди во прилог на „штедачите“ кои или не го загреваат целиот дом или ја намалуваат температурата. Во Македонија такви има многу. Според податоците на ДЗС во земјава во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП