27 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗНето добивката на Рено потона за 35% во 2018 година

Нето добивката на Рено потона за 35% во 2018 година

Францускиот автомобилски гигант “Рено” во четвртокот објави значително помал нето профит за минатата година, чиј крај е обележан со шокантното апсење на поранешниот директор Карлос Госн.

Во 2018 година, нето-добивката потона за 35 отсто на 3,45 милијарди евра, поради намалениот придонес на јапонскиот партнер Нисан и флуктуациите на девизниот курс во некои економии во развој.

“Главната причина за ова е помалиот придонес на Нисан, за 1,282 милијарди евра, бидејќи резултатот во 2017 година беше поддржан со еднократен приход од 1,021 милијарда евра”, наведуваат од Рено.

Во вторникот, Нисан ја намали прогнозата за годишните резултати по падот на нето добивката од 45 отсто во деветмесечниот период кој завршува во декември 2018 година.

Приходите на Рено во 2018 година се намалија за 2,3 проценти на 57,4 милијарди евра, во голема мера поради неповолните девизни курсеви во Аргентина, Бразил, Русија и Турција.

Минатиот месец компанијата објави дека минатата година продала вкупно 3,9 милиони возила, најмногу откако започнале да работат.

“Во 2018 година групата Рено повторно постигна силни резултати и покрај влошувањето на деловното опкружување”, рече Тири Болоре, наследник на Госн на местото извршен директор.

“Комерцијалните и финансиските резултати ја покажуваат отпорноста на групата и нејзиното брзо приспособување кон предизвикувачка околина”, додаде Болоре.

Групата очекува глобалниот и европскиот пазар во 2019 година да биде стабилен во споредба со минатата година. Тие, исто така, додаваат дека Рено има поголеми приходи и оперативна маргина од околу 6 отсто. Во 2018 година изнесуваше 6,3 проценти.

Поранешниот шеф на “Нисан” и “Рено” е обвинет дека прикривал милиони долари бонуси и надоместоци. Во јануари оваа година, тој поднесе оставка како извршен директор на Рено, откако беше отстранет од позициите во Нисан и Мицубиши.

Тој моментно е во притвор во Јапонија, со мали шанси да излезе на слобода пред судењето кое може да трае со месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП