3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААкцизи и за домашната ракија? Стокмен нов закон со нови давачки!

Акцизи и за домашната ракија? Стокмен нов закон со нови давачки!

Домашната ракија ќе подлежи на давачки. Државата планира да воведе акциза за оние кои ќе произведат повеќе од 200 литри годишно. Предлог – законот предвидува да се плаќа дури и за домашно произведеното пиво, но не и за виното.

„Акцизата за питки жестоки алкохолни пијалаци ќе изнесува 340 денари за литар чист алкохол“ стои во предлог законот.

Сепак, за малите производители има попуст од 50%. Ова би значело дека за литар ракија од 40 степени ќе треба да се платат 68 денари.

Сите кои имаат поголемо производство од 200 литри годишно ќе мора да се регистрираат како мали дестилерии, а на шишињата да лепат акцизни маркички. Царинската управа ќе врши проверка и контрола.

Нова категорија акцизни обврзници ќе бидат и мали производители на вино за комерцијални цели. Тие треба да имаат вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри за кое не се плаќа акциза.

„Со воведувањето на малите винарници ќе се овозможи регистрирање производители на вино и следење на производството на виното преку системот за движење и контрола на акцизни добра“ се наведува во предлог – законот.

Директорот на Царинската Управа не коментира детално, но тврди дека законот нема да предизвика дополнителни давачки.

„Не е наменет за поскапување туку за усогласување на голем дел од областите што ги регулира“ изјави Ѓоко Танасковски, директор на Царинската управа.

Сепак, во предлог – законот кој веќе е во Собранието го пишува токму спротивното. Државата планира да собере повеќе пари од граѓаните, но се уште не знае колку ќе се офајди.

„Предложените одредби ќе предизвикаат позитивни фискални импликации врз Буџетот при што истите во моментот не може прецизно да се утврдат со оглед на тоа дека се предлага да се воведат нови акцизни добра кои досега не се користеле и поради истото не може однапред да се утврди нивната идна потрошувачка“ стои во образложението на предлог – законот.

Со него се превидува да се плаќа акциза и за течностите за електронски цигари и тутунот за наргиле кои до сега не беа регулирани.

Со законското решение се воведуваат нови акцизни добра и тоа електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс и лигнит за кои стапката на акциза ќе изнесува нула денари, а во контекст на усогласување со директивите на Европската Унија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП