Напаѓачот на Барселона, Лионел Меси кој во Шпанија е обвинет за затајување на данок, платил 10 милиони евра во име на даночните обврски од 2010-та и 2011-та година.
Сега преостанува аргентинскиот фудбалер и неговиот татко да ги подмират и обврските кон даночните власти и за периодот за кој се обвинети од 2007-та до 2009-та година, кога избегнале да платат четири милиони евра.
Адвокатите на Меси соопштија дека се подготвени да направат договор со судот, иако тие тврдат дека обвинувањата за даночно затајување се неосновани.
Адвокатската канцеларија „Juarez Veciana“ објави дека аргентинскиот репрезентативец ќе ги почитува шпанските закони.
„Веруваме дека нашиот клиент веќе платил дел од своите даночни обрврски, а ако треба ќе го плати и износот кој се бара од него“, се вели во соопштението од адвокатската канцеларија.
Меси и неговиот татко ќе се појават пред суд по повод обвинението за затајување на данокот на 17-ти септември.