29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМилион евра субвенции за поддршка на граѓаните за економично и еколошко греење

Милион евра субвенции за поддршка на граѓаните за економично и еколошко греење

Жителите на Скопје кои сакаат да се префрлат на еколошко греење и ќе изберат да го заменат стариот систем на цврсти горива со печки на пелети или инвертери можат да добијат поддршка од Град Скопје. За печки на пелети граѓаните може да добијат субвенции и преку Министерството за економија.

Досега се доделуваат субвенциите за купување печки на пелети, а отсега ќе може да добијат поддршка и оние што ќе одлучат да се греат на инвертер-клима. Огласот се очекува да биде објавен в понеделник, по што ќе може да се пријават заинтересираните граѓани.

За секој купен инвертер-клима уред, секој граѓанин кој ќе ги исполни условите за субвенционирање ќе има можност да добие половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари. Условите ќе бидат објавени во огласот.

Се очекува со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава да добијат можност поевтино да ги затоплуваат своите домови, притоа да придонесат за намалување на аерозагадувањето.

Одлуката да се субвенционираат овие посовремени уреди е донесена врз основа на анализа на Градот што покажува дека интересот кај граѓаните е голем, а со цел да се намалат трошоците на оние што ќе одлучат да го одберат овој начин на затоплување.

Годинава во буџетот на Град Скопје за посовремени уреди за затоплување се предвидени 20 милиони денари, дополнително за печки за пелети се предвидени 15 милиони денари.

Јавниот повик е веќе објавен во јануари, а ќе трае до 30 ноември 2019 година. Може да поднесат барање граѓани кои имаат купено печка на пелети од 7 ноември 2018 година до денот на завршување на повикот. Според условите во огласот, предвидено е да им се надоместат 70 проценти од вредноста, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Повикот се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“

Минатата година беа објавени два повика, а интересот беше голем. Беа доделени во двата наврата субвенции за над 300 граѓани.

Субвенции за печки на пелети, со цел да се приоднесе кон намалување на аерозагадувањето, граѓаните може да добијат и преку Министерството за економија.

За годинава се предвидени 20 милиони денари што ќе се корисистат за надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети, со линеарна распределба по домаќинство, во зависност од пристигнатиот број барања, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство.

Субвенции може да добијат лица што досега не користеле средства од Буџетот на Република Македонија за купување печки на пелети во својот дом и имаат купено во своите домови печки на пелети во периодот од 1 јануари 2019 година до завршување на јавниот оглас.

Јавниот оглас ќе биде објавен во третиот квартал од 2019 година и ќе биде отворен во времетраење од 30 дена.

Субвенцијата има за цел да ги мотивира граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки што користат огревно дрво, нафта и други скапи и нееколошки енергенти да ги заменат со многу поевтините и поеколошките системи за затоплување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП