4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМногу врева за ништо – аферата „крадени пензии“ не била афера

Многу врева за ништо – аферата „крадени пензии“ не била афера

Аферата „Дупка од 19 милиони евра во ПИОМ“ и не била афера. Според надлежните парите не исчезнале туку не биле префрлени од првиот во вториот столб. Ресорната министерка вели дека станувало збор за суштински пропуст зашто не била направена никаква ревизија уште од воведувањето на пензиската реформа пред речиси 13 години.

Царовска: технички, системски и суштински пропуст

По три дена откако министерката за труд објави дека 12 илјади осигуреници се оштетени односно дека не им биле префрлани средства во вториот пензиски столб излезе со дообјаснување – парите не биле исчезнати, останале во првиот столб односно не биле прераспределени.

„Тоа го кажав и на претходната прес конференција, останувале во првиот столб“ вели сега министерката Царовска. „Тие се познати луѓе, во првиот столб, преку анализа се добива колку од нив требало да имаат сметка во вториот столб а немаат. Се прави проекција на придонесот, по пресметана формула се добива сума, тоа е математичка операција“ објаснува таа.

Станувало збор за системски, суштински но сепак технички пропуст.

„Тоа е суштинска работа која требало да биде разгледана, анализирана, отворена, презентирана и решена многу одамна. Да не заборавиме дека пензискиот систем не е анализиран од самиот старт на тогашната реформа во 2006-та до денес. Да се правеле анализи и проекции на секои две години сето ова би било решавано тековно“ објаснува министерката за труд и социјална политика.

Мила Царовска уверува дека осигурениците требало да бидат сигурни, никој немало да биде оштетен – се преземале мерки да не се повтори ваква ситуација.

„Внатре во ПИОМ се реструктуираат, се позиционира одделение кое што ќе биде одговорно за двостолбното финансирање. Дополнително се прават анализи на софтверските решенија. Со сите овие законски регулирања утврдивме дека ако доцнат со трансферот кон друштвата ќе треба веднаш да се пресмета каматата или приносот и да го врати ПИОМ. Со ова ги задолжуваме институциите редовно да си ја следат својата работа“ објаснува министерката Мила Царовска.

Директорот на ПИОМ не чувствува вина

Директорот на државниот Пензиски фонд (ПИОМ) не чувствува вина – вели парите се во Фондот, проблемот бил што од 2003-та до 2007-та не биле распределувани сите осигуреници.

„Од моето назначување за директор на ПИОМ мојот став беше, е и ќе биде да не сум дел од дневните политики. Сакам да верувам дека ова не беше дневна политика, медиумски спин или слично. Ние сме отворени за сите релевантни органи сето тоа да се расчисти. Ако некој има одговорност ќе треба да сноси одговорност за настанатата ситуација“ вели директорот на ПИОМ, Шаип Зенели.

Од ПИОМ уште вчера одговорија дека нема никаква афера, проблемот бил што имало делумно несовпаѓање на нивните со податоците од Агенцијата за вработување и со оние од УЈП. За 4 од 12-те илјади спорни осигуреници воопшто и немало уплатено придонеси.

„Со преминувањето кон интегрирана наплата на придонесот Фондот ја изгуби надлежноста за контрола и наплата на придонесот, со што се изгуби и можноста да се врши присилна наплата, а и воедно корекција на податоците за осигурениците. Од овие причини постојат осигуреници за кои нема уплата на придонес“ соопштија од ПИОМ уште вчера.

Почна префрлањето на парите во вториот столб

Денеска започна првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб.

Со првата уплата се опфатени 4.926 осигуреници и истата треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет.

Сепак, од надлежните нема објаснување зошто парите се обезбедени од државниот буџет доколку тие, како што сега велат, останале во првиот столб а не исчезнале.

Согласно со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.

Иако аферата беше објавена пред два дена, власта предвидела пари за нејзино покривање уште при кроењето на буџетот за оваа година.

„Се што е во поглед на буџет и што било побарано во поглед на пензиската реформа и создавање на одржлив пензиски систем и намалување на ризиците за исплата на пензиите е буџетирано и содржано во буџетот за 2019-та“ изјави вчера министерот за финансии, Драган Тевдовски.

УЈП: не се побарани информации од нас

Од Управата за јавни приходи велат дека тие соработуваат со ПИОМ, но дека досега Министерството за труд не побарало информации од нив за пензиската афера.

„Се уште немаме добиено никакво известување ниту од Министерството ниту од другите институции кои се предмет на овие случување. Штом добиеме какво било барање за да се произнесеме ќе го направиме тоа… Разменуваме податоци пред се со ПИОМ, со Министерството за труд, со Фондот за здравство. Имаме доста соработка околу пред пополнетата даночна пријава но и пред сме имале размена на податоци. Чекаме да видиме каква разврска ќе има сето ова, па потоа ќе настапи со коментар“ вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Синдикат: изненадени сме од аферата

Аферата го изненади и синдикатот. Во Синдикатот на вработените во управата и правосудството (УПОЗ) велат досега не добиле поплаки од нивни членови за проблеми со придонесите.

„Изненадени сме од ова што го слушнавме. Досега до нас не пристигнале поплаки од наши членови, така што ќе сочекаме да видиме какви ќе бидат резултатите од истрагата, па доколку е потребно ќе реагираме. Државата најави обесштетување“, коментира Пеце Грујовски од УПОЗ.

Аферата во рацете на обвинителите

Веднаш откако МТСП ја објави аферата поднесе кривична пријава против непознат сторител и ги достави сите документи со кои располага.

„Tемелните истражувања на пензискиот систем што ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб иако осигурениците ги исполнувале условите“ соопштија од МТСП.

Нема информација што ќе се случи со пријавата откако министерката денеска соопшти дека станува збор за системски, суштински и технички пропуст.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП