20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦаровска: Високи 95 отсто искористеност на Оперативниот план за вработување

Царовска: Високи 95 отсто искористеност на Оперативниот план за вработување

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година има високи 95 проценти реализација. Со него беа вкупно опфатени 6374 лица, од кои 3359 или 53 проценти беа млади лица до 29 години.

Ова беше соопштено на прес-конференција во Владата каде што се обратија министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска.

Царовска како посебно значајна ја потенцираше вклученоста на жените во активните програми и мерки што водат до намалување на невработеноста и зголемување на вработливоста.

„Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година претставува одличен пример за родова еднаквост, во него 54 %, односно 3456 лица од учесниците во активните програми и мерки за вработување беа жени, што за нас претставува посебен успех и голем придонес за поголема инкузивност на жената на пазарот на трудот“, изјави Царовска.

Интересот за учество во активните мерки и програми за вработување беше голем и од страна на невработените лица и од страна на работодавачите, особено за програмите и мерките кои водат до директно вработување, потенцираше директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска.

„Преку учество во програмата ‘Самовработување’, сопствен бизнис отворија 1191 лица, мерката Субвенционирање на плати овозможи да се вработат 759 лица, а преку учество во мерката Вработување и раст на правни субјекти беа вработени 347 лица. Во рамките на спроведувањето на Законот за вработување на инвалидни лица се доделуваа финансиски средства со кои се поттикнува вработувањето на инвалидните лица, при што беа доделени средства за вработување на 209 лица“, истакна Јовановска.

На прес-конференцијата беше посочено дека голем интерес имало и за обуките за стекнување вештини што се барани на пазарот на трудот, наменети за доквалификација на невработените лица. Една од најбараните била програмата „Практиканство“ и во неа се вклучија 1263 невработени лица до 34-годишна возраст. Одлични резултати покажала и програмата „Општинско-корисна работа“, во која учествувале 703 лица, кои обезбедуваат социјални услуги во 56 општини во државата, најмногу како образовни и лични асистенти.

Во насока на намалување на младинската невработеност, во 2018 година започнала имплементацијата на пилот-мерката Гаранција за млади. Во изминатата година во Гаранција за млади биле вклучени 5266 лица (2694 жени), од кои 1839 лица или 35 проценти се вработиле во период од 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица во агенцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП