26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивот на рати – Македонците се позадолжени

Живот на рати – Македонците се позадолжени

Просечниот Македонец има кредит од над 1.200 евра – за една година се задолжил за дополнителни над 100 евра. Трендот се очекува да се засили бидејќи банките размислуваат за натамошно намалување на каматите.

Домаќинствата на банките им должат 2.5 милијарди евра

Вкупните кредити кои ги имаат издадено банките надминуваат 5.1 милијарда евра. Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка заклучно со ноември минатата година според кои речиси половина односно 2.5 милијарди се кредити дадени на домаќинствата.

3 милијарди евра се дадени како денарски кредити и минуси на картички, а над 2 милијарди се со девизна клаузула.

Граѓаните многу почесто земаат долгорочни кредити, нивниот збир е речиси пет пати повисок од оној на краткорочните.

Раст е забележан и кај денарските сомнителни и спорни побарувања кои достигнале 1.8 милијарди евра, а кај оние изразени во странска валута е забележано благо намалување.

Се очекува пад на каматите

Народната Банка лани во три наврати ја намалуваше основната каматна стапка со што ја сведе на 2.5%.

Ова треба да биде сигнал за деловните банки. Таму засега се прават пресметки, а евентуалните промени на каматите на кредитите за домаќинствата и за компаниите би следувале во првиот квартал од годинава.

Сепак, досегашната практика покажува дека промените на монетарната политика немаат кој знае колкаво влијание врз одлуките на банките и дека врз нив повеќе влијае конкуренцијата, но во последната анкета што ја спроведе НБРМ деловните банки се изјасниле дека очекуваат натамошно олеснување на вкупните кредитни услови.

108 илјади граѓани и фирми со блокирани сметки

Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) вкупниот број на граѓани и фирми со блокирани сметки заклучно со септември 2018-та изнесувал 108.163. За една година е намален за околу 4 илјади.

Од вкупниот број блокирани 79.811 се физички а 28.352 се правни лица.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со септември достигнал 230.305.

Само УЈП побарува над 160 милиони евра!

Според најновата листа на должници на УЈП, граѓаните и компаниите по основа на неплатени даноци должат 164.6 милиони евра или 1.5 милиони повеќе во однос на претходниот пресек.

Прва на „црната листа“ веќе подолго време е „Отекс“ од Охрид чиј што долг достигна над 15 милиони евра, а втора е компанијата Ел Дон Кастило Ангел со долг од 7.3 милиони евра.

На листата на должници кои не плаќаат даноци и многу јавни претпријатија. ЈП „Македонија пат“ должи 5.1 милион евра, а зад него е ЈКП Комуналец Гостивар со 3.1 милион евра. Овде е и државниот загубар „Еурокомпозит“ со 2.2 милиони евра.

Вкупниот број на должници е 4.530. Од нив 2.134 се фирми, а 2.396 се граѓани.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП