26 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Каде и да си за Василица дома да си“, вековна девиза на...

„Каде и да си за Василица дома да си“, вековна девиза на вевчанци

Зетот, невестата, двата ѓавола и двата глупи августа, како и останатите маски инспирирани од случувањата во изминатата 2018 година, викендов традиционално ќе продефилираат низ улиците на Вевчани, во рамки на годинашното издание на Вевчанскиот карневал.

Во Вевчани со векови се спроведува девизата „Каде и да си, за Василица дома да си“. Вевчанските неимари, раштркани низ светот, на 13 и 14 јануари секоја година по традиција се собирале во Вевчани за да го прослават заштитникот на Вевчани и на вевчанци – Свети Василиј Велики и доаѓањето на новата година по стариот календар со карневалот што, според преданијата, има традиција подолга од 14 века. Традицијата за Василица, според сеќавањата на постарите вевчанци, не се прекинувала ни за време на војните што се воделе на ова поднебје, ниту, пак, во време на комунизмот, кога било забрането славење на верски празници каков што е и Свети Василиј Велики.

Вевчанскиот карневал е театар на отворено без режија и спој на пагански и христијански обичаи со кои на сатиричен начин се претставуваат настаните што ја одбележале изминатата година. Учесниците во карневалот се нарекуваат василичари, маскирани поединци и групи од сите возрасти, организирани по маала. Карневалот има и натпреварувачки карактер меѓу ривалските групи на Долна и Горна маала. Традиционални маски се зетот и невестата, глупавиот август, музичарите, деверот, кумот и ѓаволите, а останатите се инспирирани од настаните во годината што поминала и најчесто не се повторуваат никогаш повеќе.

Зетот и невестата се главните ликови-маски на карневалот. Тие ја симболизираат плодноста и во нив се маскираат млади момчиња, кои се задолжени ноќта меѓу 13 и 14 јануари за помалку од пет часа да ги посетат сите куќи во Вевчани, за да соберат пари што се наменети за донации. Особено карактеристична е маската на глупавиот август. Обично неговата улога ја прифаќаат млади луѓе, полни со енергија, бидејќи настапува со дозирана агресивност во заштита на зетот и невестата, а со публиката комуницира само со крикови и движења. Оваа маска се јавува од времето на антиката како своевидна пародија на тогашните владетели.

Вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите и пред секоја куќа играат оро и ја пеат песната „Сурва година, со женцки јагниња, машки дечиња, женски телиња…..ураааааа!!!“. На домаќините со „мрсни“ шеги за сите домашни им посакуваат желби за плодна и среќна година. Домаќините, пак, ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и пари.

Во мугрите се оди на Вевчанските извори каде се врши обичајот „крштевање вода“ што вевчанци го нарекуваат „одење на вода“. Водата најчесто се крштева во бакарен ѓум или бакарно котле со василичарска китка составена од дрен, босилек и василичарка – растение со боцки според кое е стилизиран и грбот на Вевчани. Секое гранче на китката има посебна симболика. Дренот значи здравје, живот и богат бериќет, со босилекот се благословува плодност, нов и здрав живот и бериќетно лето, а василичарката го прогонува злото и се што е страшно, лошо и неприфатливо за новата година. По крштевањето на водата и кршење на погача и молитвите на попот се зема вода од изворите во бакарни садови и се носи дома, при што се пее песната „За многу години – Сурва година“ и се играат ора.

По враќањето во домот „крстената вода“ од бакарниот сад се дели на половина. Со половина од водата што ќе остане во котлето домаќинот тропа на затворената врата на својата куќа, а по отворањето со василичарската китка ги прска просториите во домот, благословувајќи „за убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино“. Потоа ги прска просториите во кои се одгледува стоката и живината. Со втората половина од „крстената вода“ домаќинката меси кашаник со паричка, вевчански специјалитет од некиснато тесто од пченично брашно со квасец, наменет за гостите што ќе ги посетат на Василица. Се послужува со луканци (вевчански домашни колбаси) и со домашно биено сирење и кисело млеко. Вевчанци велат „Кој ќе кеснит од кашаникот и тој што ќе ја најт паричката, ќе имат убајна, ајр, ем бериќет до година на Василица – Сурва година“.

Кулминацијата на карневалот е на 13 јануари попладне со дефилето на маските и изигрувањето на василичарското оро сретсело, а манифестацијата завршува со традиционалното палење на маските на 14 јануари што симболизира отстранување на лошото од изминатата година.

Богата програма за годинашно издание на карневалот

Годишното издание на Вевчанскиот ќе почне со забава на 12 јануари, кога ќе настапат групата Архангел и Неша (Галија), Културно уметнички работници и Ди Џеј Рутбој. Следниот ден 13 јануари, во 14 часот ќе почне дефилето на маски.

-На дефилето ќе има над 1.000 групни и поединечни маски, што ќе го провоцираат да размислува оној кој ги гледа. Василичарите преку маските ја критикуваат актуелната власт, ги критикуваат потезите што таа ги направила, за кои сметаат дека не се во ред. Тие се еден добар коректив, многу работи можат да се видат и да се слушнат и на крајот да се преземе нешто да се исправат девијациите во владеењето, порачува вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти – личници.

Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, вечерта на 13-ти присутните гости и василичарите ќе ги забавуваат Кате и Нели ти реков, Баклава, Џубокс бенд и Оркестар зурли и тапани од Вевчани.

Вевчани приказна за себе во која главната улога ја има Вевчанскиот карневал

Вевчани не е село, не е ни град, ниту Република, туку е приказна за себе во која главната улога ја има Вевчанскиот карневал, кој е стар 1.400 години и е најголем бренд по кој Вевчани е нашироко познато. Тој е еден тотален театар, со кој се слави заштитникот на Вевчани – Свети Василиј Велики и доаѓањето на новата година по стариот календар, во кој вевчанците, но и тие кои се непосредно присутни таму можат да ја почувствуваат тоталната слобода, вели вевчанскиот професор и уметник Симун Лешоски.

Тој посочува дека Вевчанскиот карневал е тотален театар на отворено без режија со изобилство од креативност и импровизација и центар на сатирата за настаните што ја одбележале минатата година. Традиционално започнува на 13 јануари напладне кога се собираат маските од Горна и Долна маала, конкурентски маала кои се натпреваруваат кој ќе направи подобра маска. Тие секогаш се изработени во голема тајност и никој освен оние што ги изработуваат не може да знае какви се. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некое следно карневалско издание.

Никој, како што вели Лешоски, нема и не може да има влијание на идејата на креаторот на маската и, дури и да има таков обид, кога се смета дека маската е можеби навредувачка поради нешто, ефектот би бил спротивен и додава дека тоа е пркосот на вевчанци.

Зетот и невестата, посочува, се задолжени за помалку од пет часа да ги посетат сите, околу 700 куќи во Вевчани, за да соберат пари (т.е. маста) што се наменети за донации. За многу голема навреда, додава, се смета доколку некоја куќа не биде посетена од зетот и невестата. За таа цел вевчанци оцениле дека може да функционираат и паралелни, помлади заменски невеста и зет со што практично се покрива целата населба. Потоа се оди на Вевчанските извори каде околу два часот изутрина се крштева вода и се носи во секоја куќа каде со крстената вода се меси кашаник со паричка. Утредента василичарите одат по визити, односно ги посетуваат куќите во кои има личност со името Васил и на крајот се изигрува василичарското оро на сретсело каде е кулминацијата на карневалот со дефилето на над 1.000 маски. Карневалот завршува на 14 јануари попладне со традиционалното палење на маските. Вечерта околу 19 часот може да се види само по некој заталкан василичар или визитар.

Порано, потсетува, традиција било за Василица да се маскираат само мажи, но последните години на карневалот се маскираат и жени, како и посетители кои не се од Вевчани. Маскираните ги лоцираат проблемите во државата во последната година кои се претставуваат на сатиричен начин, но и се нудат решенија за настаните. Карневалот, според него, е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи.

Вевчанскиот карневал почнал во слава на богот Перун

Хроничарот на карневалот, Мишо Китаноски вели дека манифестацијата има пагански карактер на улица, а христијански во семејствата.

-Вевчанскиот карневал почнал во слава на богот Перун. Од тогаш, па наваму трае повеќе од 14 века, а ние вевчанците сме убедени дека вечно ќе трае. Карневалот ги критикува, камшикува и покажува сите успеси и неуспеси во годината што изминала, нагласува Китаноски.

Според него, главни карактеристики на Вевчанскиот карневал се архаичноста, таинственоста и импровизацијата по што се разликува од сите други карневали во светот. Местото на карневалското случување е целото Вевчани, кое за време на неговото одржување се претвора во своевиден театар без граници каде што секоја куќа и улица е сцена каде маскираните ги изведуваат своите игри.

-Вевчанскиот карневал е уличен театар без режија со кој со сатира и хумор се одбележуваат сите значајни настани што се случиле во изминатата година. Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата кои се олицетворение на плодноста и на продолжувањето на семејната лоза, двата ѓавола олицетворение на злото и двајцата глупи августи кои го олицетворуваат карневалот и прават што сакаат. Тоа буквално значи дека Вевчанскиот карневал е дневно издание на сатирично-хумористичен, весник или емисија. Паганскиот дел се случува на улица, а христијанскиот во семејството, потенцира Китаноски.

Вевчанци, додава, за Василица прават групни маски со кои се карикираат настаните од претходната година.

-Василичарите, односно луѓето кои се маскирани, се театар под маски, уличен театар и театар на апсурдот. Велам театар на аспурдот затоа што освен шесте традиционални маски – зетот, невестата, двата ѓавола и двајцата глупи августи сите други се натпреваруваат кој ќе ја постигне својата оригиналност во идејата и каква порака ќе испрати до гледачите. Секоја група е сама автор на сценариото, костимографијата и играта и секојпат вевчанските василичари се подготвени на хумористичен начин да ни пратат пораки, посочува Китаноски.

Вевчанскиот карневал една од најголемите културни знаменитости во Македонија

Вевчани за време на карневалот секој година го посетуваат околу 10.000 посетители, но никогаш не е забележан некој посериозен испад и инцидент.

Вевчанскиот карневал е спој на паганството и христијанството и има традиција од над 1.400 години. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Свети Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот календар. Паганскиот дел, маскирањето и палењето на маските, пак, се за да се заштитат од лошите духови. Се смета за една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во Македонија. Од 1993 година Вевчанскиот карневал и Вевчани се членови на ФЕЦЦ – Асоцијација на светските карневалски градови.

За карневалот се објавени четири монографии, а во 2014 година го следеше и екипа на Би-Би-Си која сними документарен филм и го оцени како најдобар пагански карневал во светот.

Валентин Јанковски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП