29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИRyanair повторно со рекорден број патници во изминатата година

Ryanair повторно со рекорден број патници во изминатата година

Нискобуџетната авиокомпанија „Ryanair“ денеска објави дека има превезено 139 милиони патници во 2018-та година, поставувајќи нов рекорд, и покрај кризата со откажувањето на летови и штрајковите на вработените, пренесоа светските агенции.

Бројот на превезени патници достигна 139,2 милиони лица во 2018-та година и е зголемен за 8 проценти во однос на 129-те милиони патници во претходната година, кој исто така беше рекордна.

Растот на протокот на патници сепак малку е забавен за целата година во однос на зголемувањето од 10 проценти во 2017-та година.

Податоците за 2018-та година вклучуваат и 0,3 милиони патници, превезени од австриската нискотарифна компанија „Laudamotion“ која „Ryanair“ ја купи минатата година.

Ирскиот превозник ги оствари двоцифрените месечни зголемувања на годишна основа во протокот на патници од септември, откако првото полугодие и почетокот на летото беа нарушени од забавувањето на сообраќајот.

Само за декември зголемувањето беше 12 проценти, што е значително над слабото зголемување од 4 отсто во јули – најслабиот месец од годината.

Покрај тоа, компанијата соопшти дека зафатеноста на местата во авионите била 96 проценти во текот на целата година.

„Ryanair“ го оствари новиот рекорд и покрај кризата со многуте откажани летови до март поради сериозниот проблем со штрајкот на пилотите, кој покажа длабокото социјално незадоволство во компанијата.

Авиопревозникот требаше исто така да ги признае синдикатите – нешто што го немаше правено никогаш досега. Причината беше избувнувањето на незадоволство меѓу пилотите и кабинскиот персонал што се изрази во серија штрајкови – најмногу во второто полугодие од 2018-та година.

На крајот на ноември компанијата уверуваше дека односите со синдикатите ќе се нормализираат во првиот квартал на 2019-та година со потпишувањето на социјалните договори во поголемиот дел од европските земји во кои „Ryanair“ присуствува.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП