18 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМакедонско кредитно биро - 10 години партнер од доверба

Македонско кредитно биро – 10 години партнер од доверба

Што е Македонско кредитно биро и целта на функционирањето?

Македонско кредитно биро е првото приватно кредитно биро во Република Македонија. Основано е на 24.12.2008 година како акционерско друштво од страна на Клириншката куќа КИБС АД Скопје, во име на банките.

Неговата основна функција е да врши целосно или делумно, собирање и обработување на податоците за обврските на субјектите и други податоци определени со Законот за кредитно биро со цел да обезбеди извештаи за субјектот на податоците. Во Македонско кредитно биро се доставуваат податоци за лица кои се однесуваат на обврски по кредити, гаранции, акредитиви, заеми, платежни картички, финансиски лизинг, осигурување, обврски по основ на даноци, обврски за телекомуникациски услуги, обврски за услуги од областа на енергетиката, комунални давачки, такси, придонеси, како и обврски по основ на користење на други услуги.

Важноста и придобивките од членување во Македонско кредитно биро

По примерот на позитивните странски практики, чие искуство послужи при моделирање на системот на функционирање на Македонско кредитно биро, кредитното биро функционира како институција која обезбедува придобивки за корисниците на неговите услуги.

Придобивките за членките на Македонско кредитно биро се рефлектираат првенствено во:

  • намалување на ризикот при работењето;
  • побрзо и полесно донесување економски исплатливи деловни одлуки;
  • препознавање на добрите и лошите клиенти;
  • олеснет избор на нови клиенти; и
  • подобрување на наплатата на побарувањата.

Услугите на кредитното биро служат како помош на учесниците на пазарот, во превенција од лоша проценка на клиентот и деловниот партнер. Сите учесници се запознаени дека во случај на кршење на веќе потпишан договор и неплаќање одредени обврски, доаѓа до создавање на негативна кредитна и должничка историја, што пак во понатамошниот бизнис би претставувало отежната околност при следни задолжувања и нови деловни партнерства.

Квалитетот на донесените одлуки зависи од квалитетна и навремена информација

Современото работење е незамисливо без навремени и сигурни податоци. Свеста дека најзначајните бизнис одлуки треба да се темелат на сигурни, точни и навремени податоци треба дополнително да се зајакнува со оглед дека поголемиот дел од македонските компании при воспоставувањето деловни односи се потпираат само на својата интуиција.

База на податоци на Македонско кредитно биро овозможува да делува како партнер од доверба за своите членки и да биде перфектна поддршка во клучните сегменти на нивното работење. Врз основа на конкретни и точни податоци, компаниите – членки на Македонско кредитно биро можат:

  • За новите клиенти и деловни партнери кои сакаат одредена услуга, а за кои не располагаат со претходни податоци, да проверат колку се задолжени во банките и другите финансиски институции, да ја проверат нивната солвентност, да проверат дали имаат блокирана сметка или не, да проверат дали ги имаат платено придонесите кон државата, комуналните претпријатија, телекоминикациските оператори и многу други информации.

Тоа овозможува да им се даде соодветен третман согласно интерните правила на работење на секоја компанија и придонесува, во краен случај, да не бидат изложени на некоја сомнителна деловна трансакција;

  • Да ги предвидат евентуалните проблеми во работењето со деловните партнери и потенцијални клиенти пред да се случат;
  • Да ја намалат потребата за покренување судски постапки, и
  • Да го почувствуваат директниот придонес во клучниот сегмент во деловното работење, кое е наплата на побарувањата односно, пасивната наплата.

Новини во работењето

Во континуитет од 10 години Македонско кредитно биро ја зголемува понудата на нови услуги. Така што, во пресрет на одбележувањето на 10 годишниот јубилеј, Македонско кредитно биро ги промовира своите нови производи и услуги, како и подобрувањата кој ги направи на веќе постојните извештаи за правни и физички лица.

Во делот на услугите кои се нудат на само на правните лица, создаден е единствен по квалитет и обем на податоци „Корпоративен извештај“, од кој ќе имаат корист сите правни субјекти во Република  Македонија.

Во делот на услугите кои се нудат и на физичките и правните лица да можат да направат проверка за себе и својата компанија, понуден е нов извештај со податоци за блокада/деблокада на трансакциска сметка, податок добиен во реално време. Тоа е т.н. „Извештај за блокада на трансакциска сметка“.

Истовремено, подобрен е приказот на постојниот „Сопствен извештај“ кој се нуди на сите физички и правни лица преку воведување сумарен преглед на сите пријавени обврски од страна на Давателите на податоци. Новина која е направена по барање на субјектите на податоци.

Македонско кредитно биро веќе работи на воведување нова услуга за оценување на кредитната способност на кредитобарателите. Воведувањето на овој „Извештај за кредитно рангирање“ ќе им овозможи на кредиторите да го подобрат кредитното портфолио и да го скратат времето потребно за одобрување кредит.

Годините пред нас содржат значајни можности и предизвици за Македонско кредитно биро

Во годините што следат Македонско кредитно биро останува на својот пат за креирање на производи и услуги согласно потребите и барањата на членките, и потребите на физичките и правните лица. Воведувањето на нови услуги ќе бидат секогаш изготвени согласно нивните потреби и новите кои ги нуди денешното современо живеење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП