28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделство: следната година конечно „зелена нафта“

Земјоделство: следната година конечно „зелена нафта“

Земјоделците следната година конечно треба да ја добијат ветената зелена нафта иако поддршката најверојатно ќе биде помала од она што се ветуваше.

Проектот кој неколку пати беше одложуван треба да почне од следната година. Со предлог – буџетот се предвидени пари за оваа намена, но помалку од она што беше најавувано и ветувано.

„Ќе ја субвенционираме нафтата за земјоделската механизација. Ова ќе го овозможиме преку намалување на акцизната давачка за нафта за земјоделска механизација за 50%. Количината на субвенционирана нафта ќе зависи од големината на земјоделските стопанства со што ќе се спречат можни злоупотреби“, пишува во предизборната програма „План за живот во Македонија“, но сега се најавува поддршка од 30%.

Се уште не се направени пресметките колку ќе достигне вкупната сума за поддршка. Според првичните процени дополнителни пари од државниот буџет треба да добијат околу 50 илјади земјоделци.

Првичните математики според просечната потрошувачка на гориво покажуваат дека со поддршка од 30% земјоделците би требало да добијат по околу 750 денари по хектар за полјоделски и житни култури, 1.100 денари за индустриски, 2.200 за градинарски и по 2.800 за лозарите и овоштарите. Крајната сума ќе зависи и од моменталната цена на дизелот кога ќе се прави пресметката, а парите би требало да легнат на посебни картички кои ќе добие секој земјоделец.

Овој проект досега неколку пати беше одложуван. На 1 јануари годинава беше воведена дополнителна акциза од 3 денари за литар дизел, но не и субвенционирано гориво за земјоделците.

„Кога почнавме да зборуваме за зелена нафта колкава беше цената на нафтата, а колкава е сега. И со зелената нафта цената ќе биде иста. И со 50 % намалување цената ќе биде како што беше и пред година и половина. Тоа е еден голем минус за земјоделското производство“, изјави неодамна Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на Фармери.

Бизнисмените веќе предупредија дека е можно поскапување на земјоделските производи доколку цената на нафтата продолжи да расте.

„Тоа е политика на компаниите, дали тие ќе го следат поскапувањето на горивото – со цената, или, пак, со цел да ја задржат конкурентноста, ќе останат на исто ниво, но со намалена заработувачка. Но, секако дека ќе има импликации, значи ако растат енергенсите, сакале инли не, веројатно ќе мораат и тие да ги подигнат цените. Но, ќе повторам, тоа е политика на компаниите, многу пати се случувало да останат и на исто ниво, само за да ја задржат конкурентноста“, рече неодамна Васко Ристовски од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија.

И покрај последното поевтинување од пред два дена, нафтените деривати и особено дизелот поскапеа енормно во изминатата година – цената на дизелот се зголеми за 50%, а на бензинот за 25 проценти.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП