Американските технолошки гиганти „Apple Inc.“ и „Amazon.com Inc.“, две од највредните компании во светот, потпишаа нов договор кој ќе ја прошири официјалната понуда на производи на компанијата од Купертино на сајтовите на „Amazon“. На овој начин најновите производи на „Apple“, како „iPhone XR“, „XS“ и „XS Max“, ќе бидат достапни и за клиентите на „Amazon“, пренесува „Bloomberg“.
„Amazon“ објави дека ќе започне да ги продава на својот веб сајт најновите „iPhone“, „iPad“, „Mac“, „Apple Watch“ и „Apple TV“, како и брендирани додатоци и слушалки на подружницата на „Apple Beats“. „Apple“ ги претстави „iPhone XS“ и „iPhone XS Max“ кон крајот на септември. До сега, „Amazon“ продаваше само постари модели на „iPhone“. „Amazon“ сепак нема да ги продава „HomePod“, конкурентот на производителот на „iPhone“ на најпопуларните безжични звучници на „Amazon Echo“.
„„Amazon“ постојано работи на подобрување на искуството на клиентите и еден од начините за тоа е преку зголемување на селекцијата на производи. Со нетрпение очекуваме да го прошириме асортиманот на производи на „Apple“ и „Beats“ на глобално ниво“, изјави во својата порака компанијата со седиште во Сиетл.
Продажбата на „iPhone“ забележаа слабо зголемување во четвртиот квартал во однос на една година претходно, соопштија од „Apple“ претходно во овој месец, иако новите флагмански уреди излегоа во овој период. Смартфонот останува најважниот уред за компанијата од Купертино, Калифорнија. Тој генерира околу 60% од тримесечните приходи од продажба и ги држи клиентите кон останатите услуги на „Apple“, како понудата на онлајн музика и видео содржини.
Односите меѓу двете технолошки компании сепак не секогаш биле беспрекорни.
Така на пример во 2015-та година „Amazon“ ја прекина продажбата на уредот за телевизиски стриминг „Apple TV“ кој што не е компатибилен со видео услугата на гигантот за електронска трговија – пример за тоа како „Amazon“ го користи своето влијание на најголемата онлајн малопродажба во светот, за да промовира производи кои и помагаат за сопствените стриминг содржини.
Во 2016-та година, пак, „Apple“ поднесе тужба против „Amazon“, во која тврди дека онлајн трговецот на мало ги фалсификувал производите на „Apple“ во својата веб продавница.