28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците сè уште претпочитаат кеш пред картичка

Македонците сè уште претпочитаат кеш пред картичка

Македонските банки имаат издадено 1 милион и 834 илјади платежни картички заклучно со јуни годинава. Сепак, граѓаните претпочитаат да плаќаат во кеш – најголем дел од парите ги повлекуваат од банкомат наместо директно да ја употребат дебитната или кредитната во продавница.

За една година нивниот број е зголемен за нешто над 5 илјади. Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) најголемиот дел од картичките се од брендот Visa (нешто над 1 милион), а потоа MasterCard (нешто над 700 илјади). Останатите, American Express и Diners, заземаат многу мал процент. Според функцијата 1 милион и 443 илјади се дебитни, а останатите се кредитни.

Но, која е разликата меѓу дебитна и кредитна картичка?

Дебитната картичка е картичка што банката му ја издава на сопственикот на тековна или девизна сметка за да може да располага на своите средства без оглед на работното време на банката. Со дебитната картичка клиентот може да подигне готовина на банкомат, но и да плати за одреден производ или услуга. Од таа причина, дебитните картички претставуваат безготовинско средство за плаќање.

Кредитната картичка, иако има иста форма како и дебитната, функционира на поинаков начин. Во текот на пресметковниот период, најчесто на месечна основа, клиентот позајмува пари од банката и плаќа со нејзини пари, а на крајот на месецот потребно е да се покрие позајмениот износ со утврдена каматна стапка. Овој вид на картички функционираат како кредитна линија. Банката на својот клиент му одобрува лимит на износ којшто може да се потроши со користењето на кредитната картичка. Потоа, клиентот може да ја користи картичката за да плаќа или да подигнува готовина од банкомат, до дозволениот лимит.

Бројот на банкомати останува речиси непроменет. Бројот на банкомати на крајот на јуни 2018-та бил 1.029 што е за 13 повеќе во однос на јуни 2017-та.

Од друга страна бројот на ПОС терминали (уреди кои прифаќаат картички на продажните места) има тенденција на намалување. Во јуни 2018-та имало 31.568 а во јуни 2017-та 33.278.

Иако бројот на картички надминува 1.8 милиони, мал дел од нив активно се користат. Според податоците на НБРМ во просек секој месец Македонците плаќаат по 5 милиони пати со кредитна картичка а 2 милиони пати повлекуваат пари од банкомат.

Иако картичките се користат почесто за плаќање отколку за повлекување пари, тоа најчесто се помали суми. Така, вкупниот промет направен на ПОС терминалите во јуни бил 74.8 милиони евра, а истиот месец од банкоматите биле повлечени вкупно 177.7 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП