27 јуни, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПоголеми плати и колективен договор за вработените во „Фени“ по завршување на...

Поголеми плати и колективен договор за вработените во „Фени“ по завршување на стечајот

Договори на неопределено време и повисоки плати за вработените на „Фени“ од Кавадарци  по целосното завршувањето на стечајната постапка, најавува Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Од „Фени“ велат дека просекот на плати е зголемен, но поради стечајната постапка тие добиваат договори на определено се додека не заврши стечајната постапка.

СИЕР чека и формално да заврши стечајот за „Фени“ за да ги почне преговорите  во корист на вработените.

„Од името на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија можам да изразам задоволство по усвојувањето на планот за реорганизација за ‘Фени Индустри’. Платите на вработените од месец во месец се зголемуваат. Ние редовно се сретнуваме со раководството на ‘Фени’. Сепак, ‘Фени’ се уште се води како во стечај и судот треба да ја потврди одлуката. Тоа е единствената пречка за да почнеме со преговорите за колективен договор и останатите бенефиции за вработените. Се додека не излезе и формално од стечај ние сме ограничени, а вработените го очекуваат тоа од нас“, вели Пеце Ристески, претседател на СИЕР.

Планот за реорганизација на „Фени“ како позитивен и перспективен беше изгласан и прифатен со 98 постотно мнозинство од Собранието на доверители. Прифаќањето на планот беше еден од чекорите за излегувањето на „Фени Индустри“ од стечајот и завршување на неизвесноста за опстојување на комбинатот.

„Планот, којшто е поднесен од ГСОЛ/ ЕуроНикел предвидува иднина и перспектива за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати. Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности. ГСОЛ покажа сериозност во целиот процес преку откуп на сите побарувања во целост. Менаџерскиот тим, предводен од Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис, посочен во планот за реорганизација досега на терен покажа одлични резултати. Реализирање на планот за реорганизација на ФЕНИ има позитивни импликации за целиот кавадаречки регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, ‘Фени’ соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на добавувачи на ФЕНИ вклучува над 1000 домашни компании, чие успешно опстојување е директно поврзано со работењето на ФЕНИ“, велат од комбинатот.

ГСОЛ преку македонскиот претставник „Еуроникел“ досега инвестирал повеќе од 80 милиони евра во „Фени“. Инвестицијата од ГСОЛ започна со договорот за производство на никел, со кој се рестартираше производството. Оттогаш досега се произведени повеќе од 7.000 тони никел, што е повеќе од целото производството во 2017 година, а до крајот на годината „Еуроникел“ очекува да го надмине производството од 10.000 тони,  колку што се произвело во 2016 година.

„Извозот продолжува, ангажирани се 200 локални компании кои превезуваат од пристаништето во Солун и од Албанија. Руда потребна за преработка за редовно функционирање на комбинатот, земајќи предвид дека ‘Фени’ нема свои ресурси, се увезува  од меѓународни рудници“, велат од комбинатот.

„Фени“ отиде во стечај со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори чии побарувања останаа неплатени. Во текот на стечајната постапка, преку оглас за користење на производните капацитети, фабриката повторно почна со работа. Заинтересираните инвеститори имаа можност да ги откупат долговите на „Фени“. Тоа го стори интернационалниот ГСОЛ кој со откупот на долговите стана најголем доверител на кавадаречката компанија, а по одлука на Собранието на доверители и идниот сопственик.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП