Веста за смртта на Тоше Проески, нашиот најдобар пејач и еден од најомилените на територијата на поранешна Југославија, во раните утрински часови на 16 октомври 2007 година го потресе регионот. Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб-Липовац, во близина на Нова Градишка, во Хрватска.
Неговото заминување речиси сите го прифатија тешко, почнувајќи од неговото семејство, до пријателите, колегите, но и обожавателите кои се уште ги чуваат неговите песни да не бидат заборавени.
Во несреќата, тој го загуби животот на самото место, додека уште две лица од возилото беа повредени. Веста за трагедијата се прошири низ регионот со молскавична брзина.
Тоше Проески не беше познат само по својот исклучителен глас. Публиката го памети и по неговата скромност, човечност и непосредност. Неговите песни зборуваа за љубовта, пријателството, надежта и животот, поради што ги премина границите на Македонија. Неговото прерано заминување остави празнина на музичката сцена, но неговата креативност продолжи да живее меѓу публиката.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.
На шеснаесетти октомври секоја година, обожавателите се сеќаваат на Тоше и неговото кратко, но моќно уметничко патување. Иако неговиот живот беше трагично прекинат, неговиот глас и пораките што ги остави преку музиката продолжија да допираат и до новите генерации. Тоше Проески замина прерано, но остави зад себе песни што времето не може да ги избрише.