Италијанскиот вицепремиер Луиџи ди Мајо потврди дека Италија ќе ги намали придонесите во буџетот на ЕУ, откако на минисредбата на врвот во Брисел не беше најдено решение за судбината на мигрантите, блокирани на бродот „Дичоти“, пренесе „Франс прес“.
„ЕУ повторно одлучи да и сврти грб на Италија“, напиша Ди Мајо на страницата на „Фејсбук“ и додаде дека неговата земја нема друг избор освен „еднострано да преземе соодветна мерка“.
„Ние сме подготвени да ги намалиме количините што ги даваме на ЕУ“, рече тој.
Италија е трет по големина нето придонесувач во буџетот на ЕУ (по Германија и Франција), што значи дека дава повеќе, отколку што добива. Според податоците на Европската комисија во 2016-та година Италија внесе во буџетот на ЕУ близу 14 милијарди евра, а добила 11,6 милијарди преку различни програми.
Европската комисија изјави дека заканите не водат никаде, во одговор на ултиматумот на Луиџи ди Мајо за распределба на блокираните мигранти во италијанското пристаниште.
„Во Европа заканите не вршат никаква работ и не водат никаде“, рече портпаролот на Комисијата Александар Винтерштајн.
„Слабо конструктивните коментари не се од корист и не ни се приближуваат кон решение“, додаде тој и истакна дека ЕК „продолжува да работи интензивно за решавање на ситуацијата“.
„Не постои случај дека една земја-членка одбила да ги плати своите придонеси во буџетот на ЕУ. Оваа обврска е загарантирана во договорите на ЕУ“, рече Винтерштајн.
Средбата на 12-те земји од ЕУ во Брисел заврши без решение каде да ги пренесат мигрантите од италијанскиот брод „Дичоти“, кои се блокирани во италијанско пристаниште.
Сто и деведесет мигранти беа спасени пред една недела од страна на „Дичоти“. Тринаесет лица кои имаат потреба од медицинска помош беа однесени на брегот, а останатите 177 беа на брод во близина на Катанија. Под притисок на хуманитарните организации италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини овозможи во средата 27 деца да слезат на брегот. За останатите мигранти сепак, тој рече дека ќе останат на бродот, додека не бидат преземени од други земји од Европската унија.
„Тоа не беше средба за донесување на одлуки. Средбата беше организирана од Комисијата за собирање на идеи и придонеси со цел создавање на предвидлив, потраен приод, со повеќе соработка и споделување на одговорности“, соопшти извор од ЕК.