4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустријата за мебел во нагорна линија – главен проблем нелојалната конкуренција

Индустријата за мебел во нагорна линија – главен проблем нелојалната конкуренција

Индустријата за мебел оди во нагорна линија – има се повеќе производствени погони и продажни салони. Сепак, бизнисмените од овој сектор велат дека останува најголемиот проблем – нелојалната конкуренција од дивите мајстори.

„Ние плаќаме даноци, придонеси, кирии и што уште не. Ни доаѓаат инспекции и контроли. И на крајот кајмакот ни го земаат други за кои нема никаква контрола, за кои не важи ниту пропис ниту закон“ вели сопственик на салон за мебел кој има и мал производствен погон во Струмица.

Дивите мајстори не се ниту поевтини ниту по квалитетни. Ова го тврдат сопствениците на легалните компании за мебел.

„Кај муштериите преовладува мислењето дека дивите мајстори се поевтини. Јас ви гарантирам дека не е така, ниту се поевтини ниту се поквалитетни. Материјалите што ние ги користиме се по строги прописи, а она што е направено машински секако е подобро од рачно“ вели сопственикот на салон и погон за мебел.

Конкуренцијата е добра за бизнисот, но само доколку е легална. Проблем не е големиот број на погони за мебел туку уште поголемиот број на диви односно нерегистрирани мајстори.

„Конкуренцијата е голема, но е добра за бизнисот. Ни дава мотив да произведуваме се поквалитетен и поквалитетен мебел, да воведуваме нови технологии за да бидеме поконкурентни на пазар“ вели менаџер на салон за мебел од Гостивар.

Големиот број на компании во овој сектор и нелојалната конкуренција ги натераа производителите речиси и да не ги променат цените и покрај поскапите репроматеријали.

Државниот завод за статистика измери дека мебелот поскапел за 0.8% во првите седум месеци од годинава споредено со исиот период лани.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП