27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРај за банките – сите имаат зголемена заработка

Рај за банките – сите имаат зголемена заработка

Македонија дефинитивно е рај за банките. „Големата тројка“ – НЛБ, Комерцијална и Стопанска имаат значителен раст на профитите во првите шест месеци од годинава. Од помалите банки единствено Централна кооперативна го има објавено финансискиот извештај на Македонската берза. И тој покажува подобар резултат од лани.

НЛБ со профит од 19 милиони евра

НЛБ банка во првите шест месеци од годинава остварила вкупни приходи од над 38 милиони евра. Приходите од камати биле 23 милиони и 442 илјади евра, а од провизии и надоместоци 8 милиони и 515 илјади евра. Како „останати приходи од дејноста“ се заведени 7 милиони и 672 илјади евра.

За НЛБ првите два квартали од годинава завршиле со профит од 19 милиони и 120 илјади евра што е за 26.5% повеќе од истиот период лани.

Заработката по акција за првите шест месеци од годинава е 1.367 денари.

„Банката, во првата половина од 2018-та година ги оствари сите планирани оперативни и финансиски цели, при што зачувана е високата ликвидност, стабилност и солвентност на банката“ се наведува во образложението на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

Комерцијална со профит од 21 милион евра

Комерцијална банка во првите шест месеци имала приход од околу 40 милиони евра. Приходот од камати достигнал 20 милиони и 655 илјади евра, а од провизии и надоместоци 6 милиони и 683 илјади евра. „Останати приходи од дејноста“ се 12 милиони и 544 илјади евра.

Комерцијална банка во првите два квартали имала профит од 21 милион и 376 илјади евра.

Стопанска со профит од 31 милион евра

Стопанска Банка Скопје во првите два квартали остварила приходи од над 41 милион евра. Приходите од камати биле 30 милиони и 991 илјади евра, од провизии и надоместоци 8 милиони и 101 илјади евра. „Останати приходи од дејноста“ биле 3 милиони и 607 илјади евра.

Во првите два квартали профитот бил 31 милион и 117 илјади евра што е за 46% повеќе од истиот период лани.

Заработката по акција за шест месеци е 109 денари.

„Зголемениот резултат се должи пред се на успешното редовно работење и управување со активата и пасивата на Банката, спроведување на целите зацртани со деловната политика, контрола на оперативните трошоци и ефикасно управување со сите битни сегменти“ се наведува во образложението на финансискиот извештај објавено на Македонската берза.

Сепак, солидниот резултат е пред се поради расчистување на случајот со ФЕНИ индустри каде банката имаше големи побарувања. Благодарејќи на тоа во ставката резервации, која вообичаено е најголема расходна ставка во билансот, исходот е позитивен затоа што за првото полугодие отпишаните резервации се повеќе од запишаните за 757.000 евра.

Централна кооперативна со профит од 66 илјади евра

Централна кооперативна банка во првите шест месеци имала вкупни приходи од речиси 3 милиони евра. Приходите од камати биле 2 милиони и 13 илјади евра, од провизии и надоместоци 718 илјади евра.

Профитот бил 66 илјади евра, во истиот период лани банката направила загуба од 70 илјади евра.

„Банката во второто тримесечје го задржа одличниот квалитет на кредитното портфолио и покрај евидентираниот мал раст на исправката на финансиските средства. Зголемувањето на исправката делумно произлегува од растот на кредитното портфолио, а дел од последователното мерење на кредитниот ризик на зрелото кредитно портфолио“ се наведува во образложението на финансискиот извештај објавен на Македонската берза.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП