21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОдите на одмор во странство? Не го заборавајте патничкото осигурување!

Одите на одмор во странство? Не го заборавајте патничкото осигурување!

Додека сте на одмор мал инцидент може да причини големи главоболки доколку немате патничко осигурување.

Убод од инсект или морски еж, стомачен вирус, сончаница, дехидрација, скршеница – ова се најчестите медицински проблеми кои може да се јават додека сте на пат. Овие едноставни лекарски интервенции може да чинат и повеќе од целиот аранжман доколку не сте осигурени.

„Осигурителните полиси за патување во странство чинат во просек по 30 денари на ден, тоа е мала сума која може да ве спаси од големи главоболки“ велат во една од осигурителните компании. „Кога се спремате за одмор не ни помислувате дека може да се случат непредвидени работи, но треба да се биде спремен на се. Потребата од итна медицинска помош во странство дури и за најмалите интервенции може да биде многу скапа. Затоа е важно да имате осигурителна полиса кое што ќе овозможи покривање на трошоците дури и за сериозни медицински интервенции“ објаснуваат осигурителите.

Доколку не сакате да платите за приватно здравствено осигурување, можете да извадите и државно, но тоа важи само за 17 земји со кои Македонија има склучено билатерални договори. Оваа потврда ја издава Фондот за здравствено осигурување до каде треба да се поднесе барањето за задолжително здравствено осигурување за време на привремен престој во странство. Потребно е да се приложи и потврда за здравствената состојба издадена од матичен лекар односно наод, оцена и мислење од лекарска комисија.

Ако патувате со ваш автомобил ќе ви биде потребно осигурување и за него, популарно наречениот зелен картон. Тој се издава врз основа на издадена полиса за осигурување од автомобилска одговорност од соодветната компанија и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји – членки наведени во полисата.

„Зелениот картон е само гаранција дека доколку причините штета некому со автомобилот во странство вашата осигурителна компанија ќе ја надомести штетата, но што со вашиот автомобил кој исто така ќе биде оштетен. За ваквите ситуации најдобро е да имате каско осигурување кое целосно ја покрива штетата и на вашиот и на туѓиот автомобил“ објаснуваат во една осигурителна компанија.

Цената на зелен картон на патничко возило до 66 киловати на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 киловати за една година е 5.536 денари. Цена за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво е 1.850 денари, а за над 66 киловати e 3.075 денари.

При одење на одмор добро е да биде осигурен и домот, летото е период кога крадците најмногу оперираат. Сепак, во осигурителните компании велат дека помалку од 10% од домаќинствата имаат основен осигурителен пакет.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП