11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговска војна - Македонија губи милиони поради Косово

Трговска војна – Македонија губи милиони поради Косово

Третата македонско – косовска трговска војна се уште без разрешница. Земјава губи милиони поради зголемените царини, засега нема најава за контра мерки. Приштина ги укина дополнителните давачки за земјите – членки на ЕУ, но не и за државите од регионот. Неофицијално утре ќе бидат кренати блокадите, но штетите се веќе огромни.

Утре ќе бидат укинати дополнителните царини?

Неофицијално, Косово треба комплетно да ја повлече одлуката за зголемените царини утре, за кога е закажана и седница на Владата во Приштина.

Ова доаѓа по средбата на министрите за економија Крешник Бектеши и Бајрам Хасани што се одржа во петокот. Тогаш беа укинати дополнителните давачки за 21 производ, но останаа за 7-те кои се и сезонски односно најизвезувани во овој период од годината – доматите, пиперките, грозјето, сливите, јаболката, крушите и малините.

Македонија се уште чека

Министерствата за економија и за земјоделство се уште чекаат. Му давале дополнително време на Косово да се повлече од спорната одлука.

„Ќе го почекаме исходот од утрешната седница на Владата на Косово“ велат во Министерството за економија.

Ист е ставот и во ресорот земјоделие. И тие чекале што ќе се случи утре.

Земјоделците бројат загуби

Во меѓувреме македонските земјоделци ги бројат загубите кои достигнуваат милиони. Бараат итно воведување контра мерки.

„Не е добро ова за земјоделците, ги фаќа паника, мора побрзо да се реши овој проблем иако знаеме дека министерствата се во постојани контакти но нема решение. Мора и ние да воведеме контра мерки за Косово да сфати дека сме сериозни“ вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделци.

Со ова се согласуваат и во Сојуз – синдикатот на земјоделски производители.

„Македонската Влада треба да размислува за заштита на домашното производство особено во периодот мај – јуни кога продукцијата на нашите градинарски производи е најголема. Тогаш да се блокираат границите за увозниците“, вели Ристо Велков од Сојуз – синдикат на земјоделски производители во Струмичко.

Производителите велат дека со секој изминат ден загубите растат.

„Да не чекаат одлагање… Не може доматите да ги продаваме после 10 или 15 дена или сортното грозје. Во секој случај губиме – или на квалитет или на цена. Затоа ова прашање треба да се затвори веднаш а не утре или задутре“ вели Шаклев.

ЕК: Косовските царини штетни и загрижувачки

10 дена по воведувањето на царините Европската Унија со остар став кон Косово . ЕК итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одлагање, особено со оглед на тоа дека Косово моментално претседава со ЦЕФТА.

„Ја поздравуваме одлуката за укинување на заштитните мерки за овошјето и зеленчукот кои доаѓаат од ЕУ, но жалиме што остануваат во сила за другите земји вклучително регионалните партнери до ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка“ наведува Европската Комисија.

12-ти ден зголемени царини

Косово на 18-ти јули воведе царина од 30% за увоз на овошје и зеленчук. Иако спротивно на правилата на ЦЕФТА за безцаринска трговија по притисокот Брисел ги укинаа мерките за земјите – членки на ЕУ, а по состанокот на министрите од регионот повлекоа дел од царините и за другите земји но не и за најзначајните производи како доматите, пиперките, грозјето и јаболката.

Од почетокот на годинава извозот на земјоделски производи во Косово изнесува 6 илјади тони во вредност од 1.5 милион евра, додека лани биле извезени 9 илјади и 400 тони во вредност од 2.36 милиони евра.

Најдраматично пред пет години – Косово воведе ембарго за Македонија

Македонија и Косово досега имаа две трговски војни од која најдраматична беше онаа пред пет години кога Приштина воведе целосно ембарго за сите македонски производи.

Тогаш иницијатор беше Скопје, се започна со условениот увоз на брашно и пченица. Приштина одговори со делумно ембарго за одредени производи, а контра одговорот беше воведување на давачки за секој патник и автомобил што од Косово влегува во Македонија. По ова состојбата дополнително ескалираше зашто беше воведено целосно ембарго за сите македонски производи кое траеше пет дена и создаде огромни колони на премините Блаце и Јажинце.

Трговската војна заврши откако попуштивме ние – ја повлековме одлуката за условен увоз на брашно и пченица, како и сите дополнителни давачки, а тие го кренаа ембаргото.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП