11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивот на кредит - просечниот Македонец должи 1.169 евра!

Живот на кредит – просечниот Македонец должи 1.169 евра!

Просечниот Македонец има кредит од 1.169 евра, а за една година се задолжил за дополнителни 119 евра!

Над 2.4 милијарди евра кредити за домаќинствата

Вкупните кредити дадени за домаќинствата достигнале 2 милијарди 426 милиони и 894 илјади евра заклучно со јуни годинава. Истиот месец лани биле 2 милијарди 180 милиони и 292 илјади евра со што за една година се зголемиле за дури 246 милиони евра.

Според најновите податоци на Народната Банка најголем дел од кредитите се денарски (1 милијарда и 335 милиони евра), додека помал дел се со девизна клаузула или во странска валута (1 милијарда и 91 милион евра).

„Во јуни кај вкупните кредити на домаќинствата е забележан раст на месечна и годишна основа од 1.0% и 9.7%, соодветно. Од аспект на валутната структура, зголеменото кредитирање на домаќинствата во поголем дел е резултат на растот на кредитите одобрени во денари (68.6% и 62.4%, соодветно)“ наведува Народната Банка во анализата на монетарните движења за јуни.

Приближно половина од кредитите се потрошувачки, четвртина се станбени, а останатата четвртина ја сочинуваат минусите на кредитните картички и во многу мал дел автомобилските кредити.

Пад на каматите за 0.4 процентни поени

Каматните стапки за кредитите се намалиле за 0.4 проценти за една година. Просекот во мај 2018-та бил 5.61%, а во мај 2017-та бил 6.01%.

Каматите и за кредитите и за депозитите имаат тенденција на постојано намалување изминативе неколку години. Така во првиот квартал од 2015-та каматната стапка за кредитите во просек изнесувала 7.0%, во 2016-та 6.5%, во 2017-та 6.1%, а во 2018-та 5.7%. За депозитите просечната каматна стапка во 2015-та била 2.4%, во 2016-та 1.9%, во 2017-та 1.7% и во 2018-та 1.5%.

Ваквите трендови се должат пред се и на сигналите на НБРМ која во неколку наврати ја намалуваше основната каматна стапка.

38 милиони евра спорни побарувања

Сомнителните и спорните побарувања изнесуваат само 1.6% од вкупните кредитни пласмани или 38 милиони евра.

Според НБРМ, заклучно со 31 декември 2017-та во Македонија имало 80.462 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2016-та нивниот број е намален за 1.801. Во истиот период имало 30.265 компании со блокирана сметка што е намалување за 5.074.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 233.931.

К. Н.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП