2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоскапе животот - транспортот за 9.1%, цигарите за 4.3%

Поскапе животот – транспортот за 9.1%, цигарите за 4.3%

Трошоците на живот пораснале за 1.4% за една година, најголем удел во ова има зголемената цена на транспортот за дури 9.1% што делумно е резултат и на воведувањето дополнителни давачки на дизелот. Од друга страна за една година просечната плата пораснала за 5.6% што значи дека барем статистички би требало да се живее подобро од лани.

Храната поскапа за 0.4%, транспортот за 9.1%

Трошоците на живот пораснале за 1.4% а цените на мало за 2.8% за една година.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика во јуни годинава во однос на истиот месец лани има храната и пијалаците поскапеле за 0.4%, алкохолот и цигарите за 4.3%, мебелот за 1.3%, транспортот за 9.1%, комуникациите за 0.8%, рекреацијата и културата за 3.0%, рестораните и хотелите за 1.8%.

За истиот период намалување има единствено кај облеката и обувките за 0.4%, комуналиите за 0.1%.

Цените на мало пораснале вкупно за 2.8%, а поединечно за 2.5% кај земјоделските производи, 3.0% кај индустриските, 3.8% кај непрехранбени, 1.8% кај прехранбени. Раст има кај сите категории освен пијалаците чија цена останала непроменета.

Раст на просечната плата за 5.6%

Просечната месечна исплатена плата во април изнесувала 23.942 денари и е зголемена за 5.6% во однос на истиот месец лани.

Ваквото зголемување се должи, пред се на зголемувањето на секторите рударство и вадење на камен (32.2%), преработувачка индустрија (13.0%) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (11.4%).

Зголемување е забележано и во секторите административни и помошни услужни дејности и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли.

Платата не е доволна за да се протурка месецот

Според пресметките на Сојузот на синдикати (СММ) просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во март (најнови податоци) била тешка 32.418 денари. Од нив дури 13.408 денари одат на храна. 10.478 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.301 денар за хигиена, 2.349 денари за превоз.

Од друга страна просечната плата за истиот месец била 23.694. Оттука буквално половина плата е потребна само за да се наполни фрижидерот!

Како изгледа просечната трпеза?

Најмногу леб и зеленчук, најмалку месо и риба. Вака изгледа трпезата во Македонија. Државната Статистика пресметала дека просечно еден човек на ден консумира по 200 грама леб и уште 130 грама други житарки, речиси 300 грама зеленчук и 125 грама овошје. Потрошувачката на месо и сувомеснато е 100 грама, на риба 15 грама, на млеко и преработки 100 грама, а по едно јајце во просек се јаде секој втор ден.

Статистичарите пресметале и дека дневно еден Македонец јаде по 20 грама чоколади и кекси, а пие по 150 милилитри сокови. Не се троши ни многу алкохол – просечно по 2 милилитри жестоки пијалаци, 5 вино и речиси 20 милилитри пиво.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП