25 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПравно зајакнување на граѓаните

Правно зајакнување на граѓаните

Граѓаните во Македонија можат да се информираат за правата со кои располагаат и за чекорите што треба да ги преземат доколку тие се прекршени на новата веб страница www.pravnozajakni.mk, промовирана од Фондациите Отворено општество Македонија (ФООМ) во рамките на кампањата за правно зајакнување.

Основата на концептот на правно зајакнување е дека луѓето можат самостојно да го користат правото за да најдат конкретни решенија за своите правни проблеми, како и да бараат отчетност од властите за сите преземени дејствија што ги засегаат.

Во таа насока, на веб-страницата, граѓаните можат да добијат правен совет за конкретни ситуации во кои се прекршени нивните права, како што се прекин на работниот однос, здравствена заштита, социјална парична помош, семејна пензија…

Воедно достапни се и контакти од граѓански организации чија задача е на граѓаните да им помогнат во правната битка, односно да им обезбедат бесплатна правна помош, параправна помош, стратешко застапување и др., контакти кои се од огромно значење за граѓаните, а кои претходно можеби немале каде да ги добијат.

Пристапот до правда за граѓаните не е секогаш нужно поврзан со долготрајни и скапи судски процедури. Општоприфатен став на јавноста е дека до правдата може да стигнат само граѓаните што се финансиски моќни да го издржат тој долготраен процес, што од почеток ги демотивира припадниците на различни маргинализирани групи како и мнозинството граѓани да побараат правна помош во ситуации кога се прекршени нивните права иако на располагање имаат бројни механизми.

Токму затоа ФООМ со години, преку своите програми, работи на правно зајакнување на граѓаните и градење на капацитетите на граѓанското општество, со цел да го засили потенцијалот на граѓаните да ги остварат своите права.

Досегашната практика на ФООМ покажува дека граѓаните засега ја препознаваат само бесплатната правна помош како единствен облик за пристап до правда.

Преку новата веб-страница, граѓаните ќе можат да е запознаат и со останатите облици за пристап до правда со што ќе се стекнат со доволно знаење за да можат самите да се обратат на вистинското место кога ќе се соочат со правен проблем. Тоа е и една од основните причини зошто Фондацијата ја креираше оваа веб-страница.

Новата веб-страница, како што велат од ФООМ, е продолжение на залагањата на Фондацијата насочени кон правно зајакнување на секој поединец.

– Наша основна цел е да креираме институционална рамка за правно зајакнување на сите граѓани, со тоа што ќе обезбедиме различни начини за пристап до правда за граѓаните, вклучително и за најмаргинализираните групи во општеството на локално и на национално ниво. Генералната заложба на ФООМ е насочена кон национална имплементација на досегашните практики за правно зајакнување која ќе се реализира преку партнерство меѓу релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации кои со години работат на полето на правното зајакнување, велат од ФООМ.

Во текот на активностите за правно зајакнување, кои опфаќаат правна писменост и помош, медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување на граѓаните, ФООМ се фокусира на унапредување на системските реформи кои се во интерес на ранливите групи граѓани.

Од ФООМ посочуваат дека иницијативата за правно зајакнување е насочена кон тоа да овозможи широка достапност на наведените услуги на национално и локално ниво, но и да обезбеди нивна финансиска одржливост.

Даниела Маркоска Алексовска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП