9 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСП 2018: Лудило во судиското продолжение – Шпанија на крајот пред Португалија...

СП 2018: Лудило во судиското продолжение – Шпанија на крајот пред Португалија (видео)

Во драматичните последни минути се одредуваше распоредот во групата Б, откако во судиското продолжение, Иран од пенал израмни на 1:1 со Португалија, а Шпанија „извлече“ реми 2:2 со опасните Мароканци за „фуријата“ да го освои првото место во групата и дуел со Русија во осминафиналето, оставајќи ги Португалците пред тежок дуел со Уругвај.

Шпанците започнаа со опасен напад преку Иско на левата страна, кој директно шутира во мароканскиот голман во 4. минута од мечот. Серхио Рамос повторно ја покажа својата безмилосност кога во 10. минута имаше еден опасен старт со две нозе, но судијата не досуди ништо.

Во 14. минута, Рамос и Иниеста прават неверојатна грешка на центарот на теренот, дозволувајќи му на Бутаиб да истрча сам и да го совлада Де Хеа за шокантно водство во Калининград. Меѓутоа, Шпанците бргу се созедоа и во 19. минута израмнија по прекрасната акција во која Иско израмни на 1:1.

Мароко во 25. минута повторно направи изненадување, откако Бутаиб пак ги „наттрча“ сите Шпанци, но шутираше директно во Де Хеа. Шпанците имаа уште една зрела шанса преку Бускетс од корнер, но тој со глава удира над голот.

Мароканците во 49. минута бараа пенал откако Пике играше со рака во шестнаесетникот, но судијата реши да не ја прегледува снимката во уште едно сомнително (не)користење на технологијата. Мароко врати во 50. минута, кога Де Хеа направи лоша проценка, но Бусуфа немаше чист удар. Африканците веќе во 55. минута го погодија дирекот преку Амрабат!

Шпанците имаа уште две изгледни позиции во 62. и 63. минута преку Иско и Пике, но резултатот останува 1:1. Притисокот и добрата игра на Мароко е крунисана во 81. минута, кога Јусеф Ен Несири по нафрлења од корнер со глава го „матира“ Де Хеа за 2:1.

Сепак, Шпанците успеаја да постигнат гол во 93. минута од мечот преку Јаго, кој одлично реагираше со петица, за незаслужено реми, иако за тоа мораа да чекаат додека ВАР не потврди дека не се работи за офсајд.

Португалија 90 минути беше подобар тим во дуелот со Иран, меѓутоа најдобриот азиски тим за малку ќе патуваше понатаму откако во 94. минута нивните напаѓачи промашија стоотстотна шанса, само една минута откако израмнија на 1:1.

Рикардо Кварезма покажа дека уште го има тоа што е потребно кога во финишот на првото полувреме со фантастичен удар носи водство од 1:0 за Португалците, кои имаа поголем број на шанси во првите 45 минути.

Само што почна второто полувреме, Кристијано Роналдо имаше совршена шанса да го постигне својот петти гол на шампионатот, кога беше фаулиран во шестнаесетникот, но од белата точка го пронајде само голманот Беирнаванд.

Иранците, но и Португалците потоа почнаа со груба игра, со многу фаули и прекини, и азискиот тим имаше шанса за израмнување во 72. минута, кога Годос имаше фантастичен удар од 20-тина метри, но само до левиот дирек.

Жестокото темпо им се исплатеше во финишот, кога по ВАР-разгледувањето на снимките добија пенал, кој без мака го реализираше напаѓачот на Олимпијакос, Карим Ансарифард. Во 94. минута, Фахди Тареми за малку ќе ја исфрлеше Португалија од шампионатот, но неговиот удар заврши во надворешниот дел од мрежата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП