26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветско првенство: кладилниците тријат раце

Светско првенство: кладилниците тријат раце

Светското фудбалско првенство е во полн ек – ова е најдобриот период за спортските фанови, но и за спортските обложувалници кои имаат неколкукратно зголемен промет.

Значителен раст на прометот

„Кога не е светско не ни играм, а сега речиси секој ден уплаќам по едно ливче. Ставам 50 денари колку да ми бидат поинтересни натпреварите“. Ова го вели Дејан од Скопје. Но тој не е единствен, спортската треска зафаќа многумина кои си ја пробуваат среќата во кладилниците.

„Прометот е значително зголемен, не би сакал да зборувам за конкретни бројки но ние сме задоволни. Секогаш кога има големи натпреварувања имаме зголемен обем на работа, а така е и овој пат“ објаснува менаџер во една скопска обложувалница.

Најчесто се уплаќа на ситно, по 50 или 100 денари, но кога се ќе се собере се доаѓа до фантастични суми.

„Нашите луѓе сакаат да играат, но во најголем дел се претпазливи. Точно е дека над 90% од уплатите се на мали суми, до 100 денари. Секако има и такви кои ние овде ги викаме професионалци и кои ставаат и по неколку илјади денари, но тие најчесто и знаат што прават па неретко и добиваат“, објаснува менаџерот вработен во скопска обложувалница.

Сериозни профити со ниски трошоци

Четирите најголеми синџири на обложувалници Спорт Лајф, Златна копачка, Моцарт и Бетсити имаат милионски профити. Последните достапни финансиски извештаи се однесуваат на 2016-та и според нив овие четири групации заедно имале вкупни приходи од 175 милиони евра!

Спорт Лајф 2016 со 70.9 милиони евра приходи со што остварил раст од 5%. Профитот достигнал 1.1 милион евра и бил поголем за околу 20% во однос на 2015-та.

Златна копачка во 2016 имала вкупни приходи од 63 милиони евра или раст од 12.5%. Заработката била 610 илјади евра.

Моцарт имал приходи од 32.5 милиони евра и остварил раст од 22.6%. 2016-та сепак ја завршил со загуба од 300 илјади евра.

Бетсити во 2016-та имал приходи од 8.4 милиони евра или за околу 30% помалку во однос на 2015-та. Годината ја завршиле со загуба од 55 илјади евра.

Но, колкав дел од заработката завршува кај вработените? Официјално не може да се дојде до податоци за платите во кладилниците, но неофицијално вработените откриваат дека се почнува со минималец од 12 до 13 илјади денари како јуниор оператор. Сениор операторите земаат околу 16 илјади а шефовите на објектот 22 до 23 илјади.

Вработените вообичаено добиваат и бонус доколку ја достигнат предвидената квота на уплатени ливчиња, овие дополнителни средства обично се од 1 до 3 илјади денари на платата.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП