19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата – куме ти изгоре кесето

Мисла на неделата – куме ти изгоре кесето

Не е ова писание за кумот, туку за името е. Не можам и да сакам да ја завртам главата или да ја ставам во песок и да не кажам ништо за тоа што ни се случува околу името на државта.

Татко ми покоен, бог да го прости,  кога ги убедуваше моите неженети другари да се оженат низ шега им велеше ,, Деца да е убаво не е, но што мора, мора” . Исто така се чувствувам сега јас. Што сакам да кажам? Па тоа што ваљда нема чесен граѓанин на Македонија кој не е севесен дека ни се наметнува решение кое не ни е по мерка и се чувствува, во најмала рака, измамен и немоќен нешто да смени.

Доброто е што ни се признава нацијата и јазикот и со овој догвор се затвораат овие прашања еднаш засекогаш. Нема веќе дека сме нација која е измислица на Титова Југославија, дека јазикот ни е измислен 1945 година од Блаже Коневски и клетите комуњари. Брзото зачленување во НАТО и почнување на преговорите за членство во Еропската Унија очекувам да донесат засекогаш затворање на прашањето околу опстојување на државата, и искрено се надевам на поголема благосостојба и економски пораст. Да се надеваме дека иселувањето ќе престане, и Mакедонија ќе стане Швајцарија на Блаканот.

Да ве вратам пред десет години кога во Букурешт, поради ветото на Грција, не влеговеме а Република Албанија влезе во НАТО. Сите што биле во Албанија (па и оние што не биле) пред 2008 и што биле сега во поново време им е јасно колку е Албанија отидена напред од тогаш. А каде останавме и каде сме ние како држава?

Да ве потсетам и на тоа дека многу брзо после тој самит во Букурешт, Грција купи од Франција воени авиони Миражи за околу 50 милијарди евра. Зошто го кажувам ова? Па затоа што, се во светската политика е интерес и геостратегии, а ние сме толку мали географски и по број на население што може преку ноќ да не снема. И пред да почнете да ме плукате да замолам да се потсетите на Курдите и тоа дали имаат своја држава, или што им се случува на Каталонците во Шпанија после нивниот референдум за самостојност. За македонците во соседството да не зборуваме? Да продолжам со други случаи или доволно е?

Ќе шпекулирам но ќе кажам дека ако не станеа ЕУ и САД свесни за мешањето на Русија на Балканот можеби немаше ни да дојде до овој договор за името.

Јас знам што сум и знам што ќе бидам и во Австралија и во Америка и секаде низ светот. Прочитав твит во кој се вели дека патриотизмот не е неодење во Грција на одмор, туку во сакање на својата држава е плаќање даноци и слично. Ќе додадам дека патриотизам е и чување на традицијата, јазикот, природата.  Да размислиме и да си признаеме сите дали е подобро да сме македонци кои живеат во дијаспората или да сме македонци во оваа држава.

Искрено се надевам дека како придобивка од промената на името “кумовите” ЕУ и САД ќе го одврзат кесето и ќе истурат пари за инфраструктурни објекти како авто патишта, пруги и друго. Дека ќе ги мотивираат големите компании од своите држави да инвестираат во Македонија и дека ќе го донесат нивното “know how” овде.

Но да сме на чисто. Да не чекаме само некој да ни дава и да мислиме дека е должен да го прави тоа туку да ги зајакнеме институциите на системот, судството да зајакне и да стане поефикасно, образованието да ни биде врвно, здравството светско. На тој начин ги мотивираме тие што ќе инвестираат во Македонија не само да останат туку да донесат и други инвеститори. А домашните компании да пораснат и започнат да се шират низ Балканот и Европа.

Искрено сум уморен од оваа голгота околу името што трае скоро триесет години и фрустриран сум исто толку време да бидам бивш југословен. Се плашам дека ако не помине договорот тогаш го доведувам во прашање и опстојувањето на државата. Да не ни биде потоа спасот во конфедерација со Република Бугарија или со некоја друга држава на Балканот.

На крај, да замолам да размислиме со ладни глави што добиваме, а што губиме со промена на името. Да не им ја одземаме можноста на следната генерација (на нашите деца), кога ќе сме силна економија, и максимално функционална демократија, да го сменат името односно да ја тргнат географската одредница.

М-р Раде Чоловиќ

 

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП