21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛетот откажан или авионот доцни - каде да се пожалите?

Летот откажан или авионот доцни – каде да се пожалите?

Европските регулативи за правата на патниците целосно се применуваат и во Македонија. При откажување или доцнење на лет, при загубени куфери следува обесштетување од авиокомпанијата. Сепак, само една третина од граѓаните на ЕУ се свесни за своите права, процентот во Македонија веројатно е многу помал.

Доколку патниците сметаат дека се нарушени кои било од нивните права треба најпрво да поднесат претставка до авиокомпанијата, а доколку не се задоволни од одговорот можат да се пожалат и до Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП) како второстепен орган.

„Патниците кои веруваат дека имаат валидна жалба против авиокомпанија во однос на забранет влез во воздухоплов, откажување на лет, големо доцнење на даден лет или сместување во пониска класа, прво треба таквата жалба да ја поднесат до авиокомпанијата што оперирала со тој лет. Доколку во рок од 6 недели по приемот на жалбата, авиокомпанијата не успее да даде одговор или доколку не сте задоволни од нивниот одговор, формуларот од жалбата може да се испрати до Агенцијата за цивилно воздухопловство“ објаснуваат во АЦВП.

При доцнење на летот авиокомпанијата мора на патниците да им обезбеди пијалаци, оброци, бесплатни телефонски разговори и пристап до интернет.

Но, што и кога следува зависи од дестинацијата. За летови на далечина до 1.500 километри ова следува при подолго доцнење од два часа, за летови од 1.500 до 3.500 при подолго доцнење од три часа, а за летови над 3.500 километри доцнењето мора да биде четири часа.

Доколку авионот не полета и по пет часа, патниците имаат право да побараат да им бидат целосно вратени парите за билетот. Во случаи кога одложувањата на летовите на авиокомпаниите се преку ноќ, патниците имаат право од авиокомпанијата да добијат и хотелско сместување и трансфери до хотелот.

Ако на конечната дестинација се пристигне со доцнење од три или повеќе часа следува ист надомест како и кога летот е откажан, освен во случај ако компанијата може да докаже дека доцнењето е предизвикано од вонредни околности.

Во случај на патникот да му биде забранет влез во авионот од разни причини, тој има право на надомест од 125 до 600 евра, во зависност од доцнењето и далечината на летот.

Доколку ги нема куферите, тоа мора веднаш да се пријави во службата за загубен багаж, да се достави писмен приговор. Доколку багажот и по седум дена не е пронајден на патникот му следува максимален надоместок до 1.200 евра. Во случај на пристигнување на оштетен багаж или од багажот да недостасуваат работи, патникот е должен да се обрати во службата за изгубен багаж за да отвори записник за оштетен багаж.

Речиси една третина од граѓаните на ЕУ или поточно 31 проценти се свесни за нивните права и обврски при купување на билет за патување, додека 59 отсто од патниците не ни занеле за нив. Ова го покажуваат резултатите на анкетата спроведена од Евробарометар.

Во Македонија нема спроведено вакво истражување, но може да се претпостави дека процентот е значително помал.

Македонија го има усогласено своето национално законодавство со правото на Европската унија кое се однесува на заштита на патничките права во воздушниот сообраќај односно со Регулативата на Советот на и Европскиот Парламент.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП