Бројот на брендови кои нема да учествуваат на есенскиот саем во Париз се зголеми на 15, откако „Alfa Romeo“, „Fiat“ и „Jeep“ ја објавија својата одлука. Овој настан ќе се одржи од 2-ри до 14-ти октомври оваа година.
Интересно е тоа што два други брендови на „Fiat Chrysler Automobiles“ – „Maserati“ и „Ferrari“ ќе се појават на саемот. Другите брендови во групата, сепак, немаат такви намери, па автосаемот во францускиот главен град ќе мине без нивните производи.
Претходно од саемот во Париз се откажаа „Nissan“, „Volkswagen“ (сепак „Audi“, „Porsche“, „Seat“ и „Skoda“ ќе се појават), „Volvo“, „Opel“, „Mazda“, „Infiniti“, „Mitsubishi“, „Subaru“, „Ford“, „DS Automobiles“, „Rolls-Royce“ и „Aston Martin“. Исто така се очекуваше и „Lamborghini“ да не учествува, но компанијата официјално потврди дека ќе се појават таму.
Откажувањето од традиционалните саеми од страна на големите производители станува се по вообичаено. Компаниите „Audi“, „Mercedes-Benz“ и „BMW“ веќе најавија дека нема да ги изложат своите автомобили на најголемиот саем во Северна Америка – тој во Детроит, во јануари 2019-та година. Наместо тоа трите производители ќе ги претстават најновите случувања на саемот за електроника (CES) во Лас Вегас.