26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Фени“ да се продава на јавна лицитација, побара бугарски „Минстрој“

„Фени“ да се продава на јавна лицитација, побара бугарски „Минстрој“

Запирање на стечајот на „Фени“, впаричување на имотот и јавна лицитација за избор на компанија која ќе стопанисува со комбинатот, побара денеска бугарската компанија „Минстрој холдинг“. Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ“, застапници на „Минстрој“, смета дека со предложениот план за реорганизација нема да се постигне целта на стечајната постапка оти доверителите нема да бидат намирени, односно ќе бидат намирени во износ од 15 отсто.

„Стечајот е отворен поради долг од 64-65 милиони евра, а имотот на ‘Фени“ е проценет на 72 милиони евра. Долговите на Фени се помали од неговиот имот. Наше мислење е дека со впаричување на имотот, како алтернатива на чија основа произлегува од законските одредби на Законот за стечај, ќе се постигне многу поголема цена, доверителите ќе се намират во целост и ќе се добие сигурен инвеститор кој ќе вложи во иднината на ‘Фени’“, рече Ивица Јевтиќ, правен застапник на „Минстрој“.

Додека трае компанијата „Минстрој“ е подготвена да плаќа трошоци за струја и да одвојува пари за платите на вработените до завршување на постапката.

И Јевтиќ, исто како и „Транспареси интернешнал – Македонија“ смета дека планот за реорганизација на „Фени“ е поднесен по истекот на законскиот рок и поради тоа апелираше стечајната судијка да постапи по Законот за стечај.

„Неподнесувањето на планот за реорганизација во предвидениот строг и задолжителен законски рок, согласно со одредбите од Законот за стечај, бара од стечајниот судија веднаш да донесе решение за впаричување на имотот на должникот, нешто што не е направено“, рече Јавтиќ.

Тој апелираше до стечајниот судија и до собранието на доверители да го имаат предвид фактот дека постои можност да не се одобри планот за реорганизација, со впаричување да се намират сите доверители и комбинатот повторно да работи.

На прашањето зошто не се јавиле на огласот за преработка на руда и зошто не поднеле и тие план за реорганизација на комбинатот, како постапки низ кои јавно се бараше решение за „Фени“ изминатите месеци, правните застапници на „Минстрој“ велат дека нивниот став е дека решение за „Фени“ не треба да се бара на тој начин.

Адвокатот Јевтиќ рече дека имале интензивни преговори со доверителите за обесштетување, а како гарант за сериозните намери депонирале 10 милиони евра во една од комерцијалните банки во Република Македонија, но нивните понуди биле одбиени без образложение.

Тие нудат 100 милиони вкупна инвестиција во комбинатот, враќање на сите вработени на работа, дополнителни 300 вработени за рудникот „Режаново“, за кој велат дека ќе биде ставен во функција, просечна плата од 500 евра, намирени добавувачи и нови инвестиции во комбинатот.

Од адвокатското друштво тврдат дека нивната реакција не е задоцнета и покрај тоа што „Фени“ веќе работи и сите вработени ги задржаа работните места.

Од ГСОЛ, компанијата која сега е закупец на „Фени“, велат дека исплатени во целост се 85 отсто од доверителите, а во интензивни преговори се и со останатите 15 отсто. Тие го во март ја рестартираа фабриката и велат дека „Фени“ веќе има извоз. Од компанијата велат дека просечната плата на вработените е 25 000 денари и најавуваат дека трендот за зголемување на платите ќе продолжи согласно со растот на производството. Очекуваат до ноември да почне со работа и втората производна линија, која сега не е во функција.

Обвинувањата дека планот за реорганизација е поднесен по истекот на рокот, минатата недела ги демантираше стечајниот управник на „Фени“, а од велешкиот суд изјавија дека стечајната постапка се одвива согласно со законот. Собрание на доверители на кое ќе се одлучува по предложениот план за реорганизација е закажано за 20 мај.

За предлогот за впаричување на имотот, кој минатата недела го даде и „Транспаренси интернешнал – Македонија“ вработените се изјаснија дека е против нивните интереси оти го разбираат како ликвидирање на фабриката и згаснување на печките.

Денешната прес-конференција на „Минстрој холдинг“ ја следеше и претседателката на „Транспаренси интернешнал – Македонија“, Слаѓана Тасева, која рече дека сака да е во тек со сè што се случува поврзано со „Фени“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП