4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнува сезоната – бизнисот со свадби врти милиони

Почнува сезоната – бизнисот со свадби врти милиони

Со завршувањето на велигденските пости почнува и сезоната на свадби – еден од најважните чинови во животот за младенците и еден од најпрофитабилните сегменти за рестораните, музичарите, дизајнерите. Бизнисот со венчавки врти 50 милиони евра годишно!

Но, како се доаѓа до оваа фантастична сума?

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во Македонија, во просек секоја година се склучуваат по околу 14 илјади бракови а една обична, скромна свадба со 200 гости чини најмалку 4 илјади евра.

Најголем дел од парите одат кај рестораните – порциите чинат од 12 па и над 50 евра.

Ако се земе предвид цената на менијата само за ресторан требаат илјадници евра – за најевтината понуда од 12 евра, за свадба со 200 гости ќе треба да се одвојат 2.400 евра.

Бројот на ресторани кои се специјализирани за свадби расте постојано. Сепак, со зголемената конкуренција угостителите не ги намалија цените, само почнаа да нудат дополнителни услуги.

Цените на менијата со години се речиси исти – се движат од 12 па до 50 евра во зависност од порциите, од пијалаците, но и од угледот и локацијата на самиот ресторан.

Венчавката секако е момент за паметење. Фотографиите и видео снимките помагаат спомените да не избледнат. Најмувањето професионалци веќе е пракса – чини од 50 до 3.000 евра во зависност од квалитетот, но и дали гостите сами ќе си платат за сликите со младите. Конкуренцијата во овој бизнис е многу голема, па неретко се случува во обид да се заштеди, да се остане без добри снимки. Затоа, мора многу да се внимава при изборот.

Еден од најважните делови на свадбата секако е изборот на гардероба – венчаниците чинат од 250 па и до неколку илјади евра. Младоженците за костуми плаќаат и до два пати помалку.

Исклучиво народна или забавна музика, па дури и диџеј. Група кој наплаќа поевтино или популарен пејач кој држи цена. Трубачи кај невестата дома или само во ресторан. Ова се само дел од дилемите кои младенците ги имаат при организирањето на свадбата. Музиката е клучен фактор без кој ниту една веселба не може да помине.

Што и да се одбере за прослава на еден од најважните денови во животот, невестата и младоженецот ќе мора да издвојат од 400 па се до неколку илјади евра.

До 800 евра чини бенд без разлика за каква музика станува збор. А ако како главен забавувач дојде популарен пејач тогаш цената достигнува од 1500 до 2000 евра.

Со еден, тројца или пет попови – Македонската православна црква има тарифник за услугите. Цените се движат од 50 до 100 евра, плус дополнителни трошоци. Така на пример, ако младите одлучат да ги венча еден поп ќе платат 4.000 денари или три попа 5.500 денари.

Цената за венчавка е различна во секоја црква и најверојатно тоа се должи на местоположбата на храмот, дали е во центар или на периферијата. МПЦ-ОА дава услуги и во странство каде има наша дијаспора, цените се разбира се повисоки согласно тамошните стандарди

Муслиманите и католиците овој чин ги чини поевтино. Оџата за венчавка наплаќа 1.000 денари, а католичкиот свештеник само 700 денари.

Но за да биде законски признат чинот на венчавање треба да биде извршен и од страна на државните матични служби. И услугите на матичарот имаат различна цена. Ако сакате да дојде на локација по ваша желба во работен тоа ќе ве чини 50 евра, за викенд двојно повеќе. Во општинските простории цените се неколку пати пониски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП