8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПазар на недвижности: вртоглав пад на цените - до кога?

Пазар на недвижности: вртоглав пад на цените – до кога?

Државната статистика мери пад на цените на становите, Катастарот намалување на бројот на купопродажби а сето ова го потврдуваат и пресметките на Народната Банка. Од друга страна во Агенциите за недвижности тврдат дека пазарот ќе се стабилизира па дури и ќе се раздвижи веќе оваа пролет.

ДЗС: станбениот квадрат оди надолу

Цените на куќите и становите се значително намалени. Ова особено се однесува на Скопје, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во 2017-та во главниот град просечната вредност на квадратниот метар станбена површина изнесувала 711 евра без данок. Ова е за дури 14.0% помалку во однос на 2016-та.

Во останатите населени места цената била 520 евра во просек или за 2.2% помалку.

На ниво на цела Македонија просечната цена била 680 евра со што за една година се намалила за 2.9%.

НБРМ: цените паѓаат со забрзано темпо

Народната банка (НБРМ) во најновиот квартален извештај забележува дека цените на становите се намалуваат со забрзано темпо.

„Индексот на цените на годишна основа е понизок за 0,9% (намалување од 0,2% во претходниот квартал). Ваквото поместување е во согласност со надолното приспособување на цените на становите (вкупни и новоизградени), како во главниот град, така и во земјата во последните неколку години“ стои во извештајот кој се однесува на четвртиот квартал од минатата година.

НБРМ истовремено мери и раст на станбените кредити. Сепак, понудата расте многу повеќе од побарувачката.

Катастар: намален бројот на трансакции

И податоците на Агенцијата за катастар покажуваат негативни трендови – намален обем на продажба и пониски цени.

Катастарот ги има обработено трансакциите заклучно првиот квартал лани. Според нив во период јануари – јуни 2017-та биле регистрирани вкупно 2.336 од кои 2.185 на стари недвижности, додека 139 се продажби на новоградби, односно прва продажба на недвижноста, како и 12 откупи од Република Македонија.

Согласно со статистиката на Агенцијата за катастар на недвижности заклучно со јуни, на целата територија на Република Македонија има 3.663 станови кои се изградени, а се уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности.

Вкупниот број на трансакции е намален за дури 32.4% ако се спореди првиот квартал од 2017-та со првиот квартал од 2016-та.

Во однос на цените Катастарот измерил дека се највисоки во Општина Центар (996 евра), Карпош (889 евра) и Аеродром (815 евра).

Агенции: пазарот ќе се стабилизира

И во агенциите за недвижности признаваат дека се соочуваат со намален обем на работа, но остануваат на тврдењето дека пазарот ќе се стабилизира – цените биле горе долу исти на најатрактивните локации во Скопје и не се очекувал драстичен пад.

„Онаму каде е добра локацијата и квалитетна градбата не може да има драстични надолни корекции. Продажбата стагнира последниве години, но тие беа турбулентни на економски и политички план. Очекуваме сериозно раздвижување уште оваа пролет“  велат во една од поголемите Агенции за недвижности.

Од друга страна во огласите на интернет каде се нудат станови и директно без посредници има илјадници активни огласи. Според понудата најевтини стари станови има во Ченто и Топаана, а најскапи во Центар и на Водно.

58% од Македонците живеат во куќи, 42% во станови

Според анализите на Државниот завод за статистика 58% од домаќинствата живеат во индивидуални куќи, а 42% во станбени згради. Просечната површина на домовите е 83 квадратни метри – најголеми се во југозападниот регион со речиси 100 квадрати, а најмали во вардарскиот, нешто над 73 квадрати.

Најголем дел од куќите и становите во Македонија се изградени уште во времето на Југославија (пред 1991-та). Помалку од 1% се направени во последните 5 години.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП