25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Стандард и Пурс” го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

„Стандард и Пурс” го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

Aгенцијата „Стандард и Пурс” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ- со стабилен изглед.

Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на „Стандард и Пурс” за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна, соопшти Министерството за финансии.

„Стандард и Пурс” нотира дека политичката стабилност е подобрена со формирањето на Владата, како и дека неодамна е забележан напредок во решавањето на спорот со Грција околу името. Според извештајот, ова би требало да резултира со подобрување на довербата и интензивирање на економскиот раст. „Стандард и Пурс” исто така ги наведува плановите за значајни реформи во правосудството, јавната администрација, јавните набавки и транспарентноста, и притоа напоменува дека на овие полиња веќе има одреден напредок, вклучително и во зголемената транспарентност на јавните финансии.

Според извештајот, политичката нестабилност во минатото имала негативен ефект врз економскиот раст, кој забавил од 3,9% во 2015 на 2,9% во 2016 и на нула во 2017. Се очекува дека растот ќе забрза на околу 3% во 2019 година, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот.

„Стандард и Пурс” го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст, и проектира дека на среден рок долгот ќе изнесува 47% од БДП (државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски кои беа објавени по трансферот на власта.

„Стандард и Пурс” наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите кон економски раст базиран на повеќе извори резултираат со повисок раст на доходот, при повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вонбуџетски активности кои би ја довеле во прашање одржливоста на јавниот долг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП