29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИDigiGirlz на Мајкрософт Македонија се одржа во Тетово и Скопје

DigiGirlz на Мајкрософт Македонија се одржа во Тетово и Скопје

Во Тетово и Скопје се одржа DigiGirlz настанот организиран од Мајкрософт Македонија со цел да ги поттикне младите девојчиња уште од средношколска возраст да се вклучат во некоја СТЕМ професија.

На 15ти март во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа и денес, 16ти март, на ФИНКИ над 100 девојчиња од неколку средни училишта ја имаа можноста да научат за придобивките од кариера во полето на дигиталната технологија. Со девојчињата разговараа и своите искуства ги споделија Ирена Ивановска од СЕМОС, Татјана Бошевска од Сеавус, Катерина Трајчевска основач на ADEVAIT, Влора Адеми од Мајкрософт, Марика Апостолова Трпковска, Мајлинда Фетаји, Лејла Абази Беџети и Мартина Димоска.

Да им оддаде поддршка на девојчињата присуствуваше и Зорица Заева, сопругата на премиерот на Република Македонија која им порача дека моќта на жената се гради од мали години затоа што тогаш се наметнува и стравот од неуспех во работата во ИТ професијата. Според г-ѓа Заева, девојчињата од мали несвесно се учат дека работата како програмер или иноватор не е за нив и дека повеќе успех би имале во правото или економија. Таа додаде дека е цврсто убедена дека тоа не е точно и дека иницијативата на Мајкрософт е доказ за тоа. Зорица истакна дека овие денови сите кои се вклучени во DigiGirlz им покажаа на младите девојчиња дека можат да бидат што сакаат во животот и дека ја имаат истата шанса како сите за да успеат со работа во ИТ.

„Оваа иницијатива почна да се организира на светско ниво пред 20 години. Има над илјадници млади девојчиња на кои им покажуваме дека остварувањето на нивните соништа на професионално ниво се повеќе од возможни. Имајќи го во предвид чекорот кој го преземаме за да ја втемелиме промената која сакаме да ја видиме во светот сакам да го изразам моето најискрено задоволство за нивото на поддршка кое ни го дадоа голем број на успешни жени во Македонија.“, рече Влора Адеми, водечкиот менаџер за развој на бизнисот во областа на образованието во Мајкрософт Македонија.

DigiGirlz се организира на светско ниво во склоп на YouthSpark иницијативата на Мајкрософт. Овој настан покрај тоа што се информираат младите девојчиња има за цел да им ги отвори вратите за да го променат светот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП