16 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежништвото во слободен пад - загрижувачки резултати на компаниите

Градежништвото во слободен пад – загрижувачки резултати на компаниите

Падот на градежниот сектор од 13.7% лани удри на перформансите на производителите на материјали и на изведувачите. Финансиските извештаи покажуваат дека профитите се значително намалени, а дел од нив оствариле дури и загуба.

Цементарница УСЈЕ со поголем приход но помал профит

Цементарницата УСЈЕ во 2017-та имала вкупни приходи од 74 милиони и 409 илјади евра што е за 3% повеќе од 2016-та. За истиот период профитот изнесувал 17 милиони и 778 илјади евра што е за 12% помалку. Поголемиот приход а помалиот профит пред се се должи на зголемите расходи особено во категориите: трошоци за суровини, останати трошоци и вредносно усогласување односно обезвреднување на тековни и нетековни средства.

АДИНГ со помал приход но непроменет профит

Производителот на градежни адитиви АДИНГ, пак, во 2017-та имала за 8% помали приходи во однос на 2016-та, изнесувале 5 милиони и 456 илјади евра. Сепак, профитот останал речиси на истото ниво, нешто над 269 илјади евра. Ова е резултат на намалените расходи за 10%, пред се поради помалата вредност на набавените трговски стоки.

Фабрика КАРПОШ со пад и на приходот и на профитот

Фабриката КАРПОШ има значителен пад на приходот и уште поголем пад на профитот. Вкупните приходи од продажба биле помали за 26% и достигнале 9 милиони и 562 илјади евра. Во 2017-та во однос на 2016-та заработката била помала за 46%, изнесувала нешто над 202 илјади евра. Освен намалената продажба удел во овој резултат има и пресметаната поголема амортизација на материјалните и нематеријалните средства.

Рудници БАЊАНИ со пад приходот но раст на профитот

Рудниците БАЊАНИ имале приходи од 1 милион и 48 илјади евра, биле помали за 20%. За истиот период чистата заработка достигнала речиси 57 илјади евра со што бил остварен раст од 55%. Помалиот приход а поголемиот профит пред се е резултат на намалените расходи во категориите: набавка на трговски стоки, услуги со карактер на материјални трошоци, останати трошоци и во најголем дел вредносно усогласување на тековните средства.

Се чека на резултатите на „големата градежна тројка“

Компаниите во „големата градежна тројка“, ГРАНИТ, БЕТОН Скопје и БЕТОН Штип, се уште не ги објавиле своите финансиски извештаи. Последните достапни податоци кои се однесуваат за првите три квартали лани покажуваат дека и тие имаат полоши перформаси.

Најлоши резултати има Бетон Штип. Во периодот јануари – септември компанијата направила загуба од 1 милион и 34 илјади евра. Во исто време претходната година компанијата била во плус од 411 илјади евра. Ова значи дека падот е дури -314%! Само приходите биле намалени за 47%.

Бетон Скопје во првите девет месеци од лани остварила добивка од 182 илјади евра што е за 81% помалку во однос на истиот период претходната година кога таа достигнала скоро 964 илјади евра. Вкупните приходи биле помали за 19%.

Финансискиот извештај на Гранит покажува профит од 2 милиони и 946 илјади евра што е за 3% помалку во однос на првите девет месеци од 2016-та. Приходите се зголемени за 9%.

Градежништвото со пад од 13.7%

Градежништвото кое со години беше столбот на кој се потпираше економијата стана најпроблематичниот сектор, во сите четири квартали лани беше во негатива – од 6.5%, од 17.1%, од 11.6%, од 19.5% или вкупно за цела година падот бил 13.7%!

Во минус од 2.5% беше и рударството.

Овие гранки беа и главната причина економијата цела 2017-та да се влече на работ на рецесија.

Според податоците на Државниот завод за статистика во првиот квартал растот бил 0.0% односно имало стагнација, во вториот бил минус 1.3% односно бил негативен, во третиот бил 0.2% а во четвртиот 1.2%.

Кога се ќе се собере и одземе се доаѓа до годишен раст од 0.025%!

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП